Околу 21 отсто од воздухот на Земјата отпаѓа на кислородот, додека отстатокот од атмосферата главно е исполнет со азот, но на нејзината соседна планета Венера тоа е сосема поинаку.
Во токсичната атмосфера на Венера доминира јаглерод диоксид со учество од 96,5 проценти, а помали количества се однесуваат на азот и гасови во трагови. Речиси нема кислород. Всушност, бидејќи Венера ужива многу помалку научно внимание од другите планети, како Марс на пример, директното откривање на кислород е тешко.
Користејќи го инструментот за стратосферска опсерваторија SOFIA – авион „Boeing 747SP“ претворен да носи инфрацрвен телескоп како дел од заеднички проект меѓу американската вселенска агенција NASA и нејзиниот германски пандан DLR, научниците открија атомски кислород во тенок слој од атмосферата на Венера помеѓу два други.
Тие истакнаа дека овој атомски кислород е составен од еден атом на кислород, се разликува од молекуларниот кислород, кој се состои од два атома на кислород и кој го дишеме.
Првпат истражувачите директно открија кислород на сончевата страна на Венера, каде што всушност се произведува во атмосферата, а го открија и на далечната страна свртена од Сонцето, каде што претходно беше откриен со телескоп на Хаваи.
„Атмосферата на Венера е многу густа. Составот е исто така многу различен од Земјата“, вели физичарот од DLR Хајнц-Вилхелм Хуеберс, главен автор на студијата објавена во списанието Nature Communications.
„Венера не е погодна за живот, барем не за организмите што ги знаеме на Земјата“, додава тој.
Кислородот се произведува на сончевата страна со ултравиолетово зрачење од Сонцето кое го разложува атмосферскиот јаглерод диоксид и моноксид во атоми на кислород и други хемикалии, велат истражувачите. Дел од овој кислород потоа ветровите го носат на страната на планетата свртена од Сонцето.
Венера, со дијаметар од приближно 12.000 километри, е малку помала од Земјата.
„Ние сме само на почетокот на разбирањето на еволуцијата на Венера и зошто таа е толку различна од Земјата“, вели Хуеберс.