
Меѓусебни недоразбирања околу финансии, се мотивите кои 46-годишната скопјанка која во саботата во скопската населба Тафталиџе ја задавила својата 74-годишна мајка, по што самата се пријави во полицијата.
Во врска со овој трагичен настан Основното јавно обвинителство Скопје во недеката донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено дека сторило кривично дело „Убиство“, од член 123 став 2 точка 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничената вчера се пријавила во полициска станица Карпош и изјавила дека при вршење семејно насилство, со задушување ја лишила од живот сопствената мајка. Како мотив за сторување на кривичното дело навела меѓусебни несогласувања и расправии заради финансиски средства“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Дежурен јавен обвинител веднаш излегол на увид на местото на злосторството, во домот во кој мајката и ќерката живееле заедно. Притоа, затекнатото безживотно тело на 74-годишната жена со наредба на јавниот обвинител е предадено за обдукција. Во исто време, издадена е наредба за прибирање и вештачење на трагите пронајдени на лице место.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави и Предлог за определување мерка притвор за осомничената. Надлежниот суд го прифати предлогот и на осомничената и определи притвор во траење од 30 дена