Научниците објавија дека откриле подвид на камелеон чијашто големина е колку на зрно сончоглед и кој би можел да биде најмалиот рептил на планетата.
Двата минијатурни влекачи, женка и мажјак, ги открил германско-мадагаскарски научен тим на северот на Мадагаскар.
Мажјакот од подвидот „Brookesia nana“ или нано-камелеон, има тело долго само 13,5 милиметри, што го прави најмалиот од околу 11.500 досега познати видови рептили, објави Баварската државна збирка за зоологија во Минхен. Неговата вкупна должина од носот до крајот на опашката е 22 милиметри. Женката на нано-камелеонот е значително поголема и подолга, вкупно 29 милиметри, наведува споменатиот истражувачки институт.
Се додава дека научниците не успеале да откријат други промероци од овој подвид и покрај големите напори. Најблискиот нивен сродник е малку поголемата „Brookesia micra“, откриена во 2012 година. Научниците претпоставуваат дека и живеалиштето на новооткриениот подвид е минијатурен, како што е случајот со сличните видови.
„Живеалиштетот на нано-камелеонот, за жал, е жртва на крчењето на шумите, но неодамна тоа подрачје е ставено под заштита , па видот ќе преживее“, изјави Оливер Хавлитшек, научник од Центарот за природонаучна историја во Хамбург.
Според трудот објавен во списанието Scientific Reports, мажјакот е „надарен“ со непропорционално голем полов орган кој одговара на 18,5 отсто од големината на неговото тело. Научниците велат дека одликата на разните видови мали камелеони е дека имаат најголеми пениси во однос на големината на телото.
Имајќи предвид дека е пронајдена женка доста поголема од мажјакот, научниците велат дека тоа би можело да биде причината што на мажјаците им се потребни релативно поголеми полови органи за успешно парење.