Откриен нов потенцијално опасен астероид

Меѓународен тим астрономи објави во понеделникот дека е откриен голем астероид чијашто орбита ја сече орбитата на Земјата, создавајќи можности, иако мали, далеку во иднината, да предизвика катастрофален судар, според студијата објавена во научното списание The Astronomical Journal

Астероидот чијшто дијаметар е проценет на 1,5 километри, наречен 2022 AP7, откриен е во областа во којашто е многу тешко да се забележат објекти поради блештењето на Сонцето. Откриен е заедно со други два астероида блиски на Земјата со помош на високотехнолошки инструменти на телескопот „Victor M. Blanco“ во Чиле кој оригинално е развиен за проучување на темната материја во Вселената.

Другите два астероида не претставуваат опасност за Земјата, но еден од астероидите е најблискиот до Сонцето некогаш откриен.

„Астероидот 2022 AP7 ја пресекува орбитата на Земјата, што го прави потенцијално опасен, но моментално нема патека којашто би довела до судар со Земјата“, изјави шефот на тимот кој го открил астероидот, астрономот Скот Шепард од Институтот за наука Карнеги.

Потенцијалната закана произлегува од фактот дека, како и кај секој друг објект во орбитата, неговата траекторија полека ќе се менува поради безбројните гравитациски сили крај кои минува, особено од големите планети. Затоа за научниците е тешко да изнесуваат долгорочни процени.

Новооткриениот астероид е „најголемиот објект потенцијално опасен за Земјата кој е откриен во последните осум години“, објавија NOIRLab, истражувачка група која ја финансираат САД и која управува со повеќе ѕвездарници.

„Според моменталната орбита ризикот е мал, но во случај на судар, астероидот со таква големина би имал разорно влијание за животот каков што го познаваме“, додава Шепард.

Појаснува дека прашината исфрлена во воздух би имала голем ефект на ладење, предизвикувајќи „масовно изумирање какво што не е видено на Земјата со милиони години“.

Околу 30.000 астероиди со најразлични големини, вклучително и повеќе од 850 пошироки од еден километар, се утврдени во близина на Земјата, за што им се дава ознаката „Near Earth Objects“ (NEO). Ниеден од нив не претставува закана за Земјата во следните 100 години.

Според Шепард, постојат „веројатно 20 до 50 голем NEO кои треба да бидат откриени“, но мноштвото од нив се во орбити покриени од сјаењето на Сонцето.

Во рамките на подготовките за идните откривања на уште поопасни вселенски објекти, американската Национална агенција за вселенски истражувања (NASA) кон крајот на септември изведе пробна мисија во којашто во астероид судри летало, докажувајќи дека е можно да се промени неговата траекторија.