Откриен планот на ИСИС за создавање Калифат

Откриен е планот на Исламската држава со кој преку Русија би требало да дојдат до иранската нуклеарна технологија, а во замена би и дале пристап до нафтените полиња во ирачката покраина Анбар. Освен нуклеарната технологија, од Москва исламистите би барале и да ја прекинат врската со сирискиот претседател Башар ал Асад, како и да создадат сојуз со сунитските држави од Aрапскиот полуостров кои би му помогнале на ИСИС во судирите со Сирија и Иран, пишува Раша тудеј.

Документот во 70 точки го објавил „Сандеј Тајмс“, а се верува дека го напишал Абдула Ахмед Мешедани, еден од шесте членови на тајниот воен кабинет на Исламската држава.

Планот на Исламската држава за создавање на Калифат го заплениле ирачките специјални сили за време на рацијата во куќата на член на ИСИС, кон средината на оваа година. Западните известувачки служби ја потврдиле неговата автентичност.

Интересна е уште една точка во планот, а тоа е изградбата на канал преку Обединетите Арапски Емирати, како што е Панамскиот канал во американски раце, што би овозможило танкерите да поминат и до Персискиот залив заобиколувајќи го Хормушкиот теснец кој го контролира Иран.

Во документот се предлага и удар на иранската индустрија на кавијар, а се предлага и на пазарот на теписи да се вметнат авганистански производи, како би се уништиле иранските конкуренти. Се споменува и план за изградба на морски бази.

На домашен терен, Исламската држава планира своевидна програма за етничко чистење, односно програма за подобрување и контрола на човечкиот вид, а со тоа би требало да се спречи инфериорните луѓе да имаат деца и да се поттикнат супериорните што повеќе да се размножуваат.

Долгорочно, ИСИС сака сунитите од Пакистан и Сирија да мигрираат во земјите со мешано сунитска – шиитска популација, да се оженат рано и да имаат многу деца, за истите да станат зрели кога ќе дојде времето за истребување на сите шиити.