Недела е ден за историја за жителите на населеното место Гоце Делчев во Општина Гази Баба. По 70 години се исполнува барањето за откривање на споменик во чест на Гоце Делчев.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стевковски рече дека денес е денот со кој се исправа неправдата кон Гоце Делчев која трае веќе неколку децении.
– Откриена е спомен бистата на Гоце Делчев во населеното место кое го носи неговото име и со тоа го исполнив децениското барање на жителите на Гоце Делчев. Многупати низ историјата се обидувале да ни наметнуваат туѓ идентитет, но никогаш не успеале, бидејќи нашето постоење не зависи од нив, туку од нас самите. Па откако не им успеа планот за наметнување на туѓ идентитет, започнаа да не убедуваат самите себе да се укинеме. Но ние знаеме дека без македонски народ, македонската република станува ничија земја. Без македонски народ нема македонска држава. На овој ден со многу верба и со чисто срце и мисла Ве повикувам да бидеме одговорни кон нашата татковина Република Македонија. Да бидеме одговорни пред нашите преттци за да имаме што да им оставиме на нашите потомци. Нека е вечен ликот и делото на македонскиот револуционер и визионер Гоце Делчев, за кого светот беше поле за културен натпревар помеѓу народите. Нека споменикот кој денес го откриваме биде паметник и потсетник за времето во кое делувал Гоце Делчев. Нека се знае по години и векови дека Македонија е сурова реалност која никој ниту успеал, ниту ќе успее да ја победи – рече Стевковски пред насобраните граѓани од ова населено место.
Настанот имаше и уметничка програма во која учество земаа Габриела Новевска и Вокално инструменталната група Аманет кои ќе ги испееа најубавите македонски песни посветени на Гоце Делчев.
Стотина жители на населбата Гоце Делчев во скопска Гази Баба уживаа во изведбата на македонски песни, а исто така со огромен аплауз го поздравија откривањето на споменикот на македонскиот револуционер.