Примероците од водата земена по масовниот помор на рибите во реката Одра, којашто ја формира границата меѓу Германија и Полска, покажуваат дека реката е значително загадена со жива.
„Првичните резултати се достапни од вчера навечер. Сѐ уште ги немаме официјално, но навистина укажуваат на големо загадување со жива“, изјавил локален функционер за заштита на природната средина Грегор Бејер за јавниот сервис RBB.
Локалните власти веднаш ја отфрлија теоријата според која причина за поморот на рибите би можело да биде премалото количество кислород, додал Бејер.
„Многу непријатен дел од ова е дека (токсините), кои очигледно дошле од насока на Полска, несе пријавени преку соодветните системи за предупредување. Затоа можевме да реагираме дури откако поморот на рибите беше директно забележан“, појаснил Бејер кој е челник на управата за природна средина на округот Маркиш-Одерланд во германската сојузна покраина Бранденбург.
Полската агенција за заштита на природната средина соопшти во четвртокот дека ненадејниот помор на илјадници риби во реката Одра веројатно е предизвикан со индустриско загадување на водата.