Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски денеска обвини дека опозициските партии СДСМ и ДУИ, додека биле на власт ги злоупотребувале енергетските претпријатија за финансиски малверзации. Според него, милиони евра на народни пари биле префрлени на сметки на фирми блиски до власта преку сомнителни договори.
На прес-конференцијата, Петрушевски презентираше документи за наводен криминал во државната компанија МЕПСО. Според него, Јавното обвинителство (ЈО) треба веднаш да отвори истрага поради злоупотребите кои, како што тврди, се на ниво од милионски износи.
– СДСМ и ДУИ преку МЕПСО договориле набавка на уред за корекција на напонски профил за трансформаторска станица Дуброво, вреден близу 10 милиони евра. Овој договор е за 3 милиони евра поскап од буџетот предвиден во Планот за развој на електропреносниот систем на МЕПСО – изјави Петрушевски.
Договорот, потпишан на 26 јуни 2024 година, бил склучен со албанската фирма „Шанси Инвест“, за која Петрушевски тврди дека е посредник за нелегално извлекување пари.
– Се поставува прашањето зошто е вклучена ‘Шанси Инвест’, кога реалниот производител на опремата е хрватската фирма ‘Далековод АД Загреб’. Дали оваа албанска компанија е само ‘тампон фирма’ за испумпување на профитот од милиони евра разлика? – праша Петрушевски, посочувајќи дека разликата од 3 милиони евра помеѓу предвидената и договорената цена треба итно да биде истражена.
Петрушевски го повика Јавното обвинителство да отвори случај и да преземе мерки против одговорните.
– Граѓаните заслужуваат одговори и правда за овие скандалозни зделки – нагласи тој, барајќи брза реакција од надлежните органи.