Откриени илегални мигранти на автопатот Удово-Неготино

Полициските службеници открија 16 илегални мигранти на автопатот Удово-Неготино кај м.в. „Арсова лака“ вчера во 01.35 часот,  во патничко моторно возило „Рено Сценик“, соопшти денеска МВР.

При обид да биде сопрено, патничкото возило „Рено Сценик“ ја зголемило брзината на движење и го продолжило движењето кон Неготино. По ова, полициските службеници се упатиле по возилото и кај клучката Демир Капија возачот во еден момент застанал и избегал.

При преглед на возилото откриени се 16 илегални мигранти од кои шест од Палестина, девет од Пакистан и еден од Либан. Лицата се сместени во Прифатниот центар за странци, а се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.