Со пригодна свеченост и голем број присутни охриѓани и гости, во центарот на Охрид, кај градското пристаниште, викендов беше осветено и отворено новото спомен-обележје „Богојавление-Водици“, подарок за Балканскиот Ерусалим од Ванчо Чифлиганец, кум на манифестацијата Водици Охрид, 2012.
По осветувањето според православните обичаи на МПЦ, спомен-обележјето симболично, со сечење лента го отворија градоначалникот на Охрид д-р Никола Бакрачески, претседателот на здружението Богојавление-Охрид Љупчо Арнаудов и донаторот проф. д-р Ванчо Чифлиганец, ген. дир. на градежната компанија Адора Инженеринг.
„Идејата за подигнување на спомен-обележјето датира од манифестацијата Водици Охрид, 2012, кога по изборот од страна на Здружението „Богојавление“ да бидам првиот кум на Водици што нема охридско потекло, сакав за довербата да возвратам со донација на нов траен симбол со кој ќе се овековечи овој значаен празник на брегот на Охридското Езеро. Богојавленската радост со кумството беше круна на благословот од традиционалното капење на Водици во осветените охридски, македонски води неколку години по ред, што ми ги донесе најсреќните и најуспешни години во животот. Спомен обележјето „Фаќач на крст“ е посветено на сите фаќачи на животворниот крст на Водици, на сите капачи кои скокаат по крстот и на илјадниците православни верници кои од дамнина до денес ја сочувале богатата Богојавленска традиција во Охрид,“- порача Ванчо Чифлиганец, донатор на споменикот за Водици во Охрид.