Откупени се 1,4 милиони килограми тутун со просечна цена од 374,30 денари за кг.

„Во Тутунскиот комбинат во Прилеп, правиме увид во текот на откупот на тутун за реколтата 2024 година. Иако последниот законски рок од 15-ти декември се уште е на прагот, гледаме дека делот од тутунарите го предале својот род“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, од Прилеп.

„Согласно податоците кои се водат во системот, до вчерашниот ден се откупени 1.400.000,00 килограми тутун со просечна цена од 374,30 денари за килограм и истиот е исплатен околу 45% на земјоделците“, појасни министерот.

Трипуновски додаде дека Земјоделскиот инспекторат го следи овој процес. „Ние како Министерство сме во комуникација со сите здруженија. Го следиме целиот процес и веќе од идната недела очекувам да имаме зголемено предавење на тутунот од оваа реколта“, истакна министерот.

„Тутунарите не треба да бидат загрижени, бидејќи оваа година ќе имаме поголем просек на откупна цена во однос на претходната година“, порача тој и посочи дека Министерство постојано е во комуникација со откупувачите, со тутунопроизводителите, со сите здруженија кои гравитираат во овој сектор.

Во текот на изјавата министерот истакна дека нема да има незадоволен тутунопроизводител годинава и Министерството нема да дозволи разочарувања како што имаше во минатото.