На подрачјето од Пијанец и Малеш откупот на тутун од минатогодишната реколта е во завршна фаза.
Компанииите „Далија-табак“ од Делчево и „Соко-таб“ од Битола од тутунопроизводителите во општините Македонска Каменица, Делчево, Пехчево и Берово до сега имаат откупено над 120 тони тутун.
„На ова подрачје беа застапени сортите „прилеп“ и „басмак“. Поради сушното лето приносите по единица површина се под очекуваните, но квалитетот на тутунот е на мошне високо ниво,“ вели раководителот на „Сокотаб“ Георги Манчев.
Просечната заработувачка на тутунарите се движи од 1.000 до 1.500 евра, а просекот на откупната цена за сортата „прилеп“ изнесува 170 , а за сортата „басмак“ 200 денари за килограм.
„Задоволни сме од проценката на откупувачите и од субвенцијата па затоа во наредната производна година ќе засадиме поголеми површини,“ изјавија тутунопроизводителките Татјана Ромовска и Илинка Поповска од селото Вирче.
Според најавите од „Далија-табак“ откупот на тутун од реколтата 2013 година, во Пијанечко-малешевскиот крај ќе заврши заклучно со 15 февруари годинава.