
Професорот Леонид Ринк, руски научник од Студената војна вчера призна дека помогнал да се создаде нервниот отров „Новичок“ за кој Велика Британија вели дека бил користен за да го отруе поранешниот шпион Сергеј Скрипаљ, што е спротивно на тврдењата на Москва дека ниту Русија, ниту Советскиот Сојуз досега немале таква програма.
Сепак, Ринк рече дека овој напад не изгледа како работа на Москва, бидејќи отрвот е толку силен па жртвите би биле убиени во истиот момент.
-Со оглед на фактот дека учесниците во инцидентот се живи, тешко да се претпостави дека Русите се вклучени во тоа – рече научникот, додавајќи дека таквата некомпетентност на сторителите е смешна и неприфатлива.
Според него, дури и необразован руски напаѓач не би користел уникатен руски производ и со руско име, а да се користи нешто толку моќно, а во исто време да не сеоствари целта е „врвот на глупоста“.
Скрипаљ и неговата ќерка Јулија се живи, но се во критична состојба повеќе од три недели откако беа пронајдени во несвест на клупа во англискиот град Солсбери. Полицаецот кој им помогнал е исто така во тешка состојба во болницата.
Ринк рече дека во времето на Советскиот Сојуз работел во фабрика за хемиско оружје, каде што бил развиен воениот нервен отров, кој на Запад бил наречен „Новичок“. Запрашан дали бил еден од креаторите на овој нервен отров, тој одговорил, „Да, тоа беше основа на мојата докторска дисертација”.
Научникот рече дека технологијата на развојот на „Новичок“ им била позната на многу земји, и дека тоа го знаат Британија, САД и Кина, кои можеле да произведат верзија на Новичок.