Заменикот директор на американското Федерално биро за истраги (FBI), Ендрју Меккејб, кого американскиот претседател Доналд Трамп, критикуваше поради наклонетост кон неговата демократска ривалка од претседателските избори во 2016-та, Хилари Клинтон, се повлече од позицијата втор човек во оваа агенција, објавија медиумите запознаени со случајот, а Белата куќа негираше дека е вмешана во тоа.
Белата куќа не е поврзана со разрешувањето на заменикот директор на FBI, Ендрју Меккејб, изјави на брифингот со новинарите, портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.
„Ги видовме извештаите, Белата куќа не ја донесе (оваа) одлуката“, изјави Сандерс додавајќи дека, сито така, ниту претседателот Доналд Трамп не е поврзан со разрешувањето. Повтори дека Трамп има „целосна доверба“ во актуелниот челник на Бирото, Кристофер Реј.
Како што претходно пишуваа американските медиуми повикувајќи се на извори блиски на заменикот директор на FBI, Ендрју Меккејб планирал да се повлече во пензија во март годинава. Тој сега ќе биде на отсуство до датумот на пензионирањето, рекол извор под услов да остане неименуван, бидејќи неговото заминување сѐ уште не е официјално објавено, пренесува Reuters.
Претходно телевизијата Fox News повикувајќи се на свој извор, објави дека првиот заменик на директор на FBI Меккејб бил сменет, а не отстапил од позицијата доброволно. И телевизијата објави дека заминал на одмор, и оти нема да се враќа на должноста до заминувањето во пензија во март.
Меккејб беше цел на нападите на републиканските пратеници и на претседателот Трамп поради истрагата за незаконското користење на приватниот сервер и електронска пошта од страна на Хилари Клинтон додека беше државен секретар. Против неа, инаку, не беа покренати никави обвиненија.
Републиканците и лично претседателот Трамп го критикуваа Меккејб за потенцијален конфликт на интереси поради поврзаност со Демократската партија којашто ја кандидираше Хилари Клинтон на ноемвриските претседателски избори во 2016 година. Трамп на Twitter објави дека сопругата на Меккејб добила 700.000 долари од сојузниците на Клинтон за неуспешната изборна кампања за законодавното собрание на сојузната држава Вирџинија и запраша како може Меккејб да биде задолжен за истрагата за Клинтон ако неговата сопруга добила донација од „марионетите на Клинтонови“. Таа беше кандидатка за сенатско место во Вирџинија и доби донација до гувернерот на оваа сојузна држава кој е близок на Хилари и Бил Клинтон.
Неколку комитети на Конгресот коишто ги водат републиканци покренаа истрага дали FBI лошо ја водел истрагата за Хилари Клинтон и се покажал пристрасен во нејзина полза. Демократите тврдат дека истрагите се покренати за да се одврати вниманието од истрагата во врска со наводната поврзаност на кампањата на Трамп со Русија.