Барикадата на Мердаре од правец на централна Србија е отстранета и сообраќајот е повторно воспоставен, јави денеска РТС.
Како што се наведува, таа барикада била поставена на оддалеченост од околу еден километар од царинскиот пункт.
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа по средбата со претставниците на Србите од Косово изјави дека е донесена одлука за отстранување на барикадите.
-Од утре претпладне почнува отстранувањето на барикадите, но тоа не може да се направи за два часа. Дали за 24 или за 48 часа – барикадите ќе се отстранат, но недовербата не е отстранета. Тие што мислат дека можат да си играат со животите на Србите и нивниот опстанок, тие треба да знаат дека, како што до сега не сме дозволиле сите заедно, нема да дозволиме ниту во иднина, потенцираше синоќа Вучиќ.