Отстранети повеќето барикади се отсранети на Косово; Вучиќ: Ситуацијата е поопасна отколку што се мисли

Повеќето барикади поставени од Србите на северот на Косово се отстранети по 19 дена, додека Белград по деескалацијата очекува притисок од меѓународната заедница да се забрза постигнувањето договор со Приштина. На територијата на четирите општини на северот на Косово Србите поставија блокади на почетокот на декември, протестирајќи поради апсењето на своите сонародници и присуството на специјалните единици на косовската полиција.

Приштинските власти ги обвинуваат уапсените за нарушување на уставниот поредок, а најавата дека со сила ќе ги отстранат барикадите предизвика нови тензии. По пуштањето на двајцата уапсени, претставниците на косовските Срби договорија вчера со српскиот претседател Александар Вучиќ отстранување на барикадите.

Повеќето пречки во меѓувреме се отстранети, патиштата се проодни, но два премини – Јариње и Брњак – сè уште не се отворени за сообраќај, јавуваат косовските медиуми. Отстранувањето на барикадите го поздравија САД и ЕУ, барајќи двете страни да се воздржат од тешки зборови, да се смират страстите и да се забрзаат преговорите до конечниот договор за нормализација на односите.

„Верувам дека сега е решен проблемот, но тензиите остануваат високи и степенот на недоверба е поголем од кога било“, изјави за порталот Политико специјалниот претставник на Европската Унија за преговорите на Белград и Приштина Мирослав Лајчак, коментирајќи ја одлуката за отстранување на барикадите. Сега е „навистина важно да не дозволиме ситуацијата да лизне во нова криза“, кажа Лајчак, истакнувајќи дека е нужно лидерите на Србија и Косово „да создадат атмосфера за продуктивна дискусија за нормализација на односите“.

Политико наведува дека, иако Србите ги отстрануваат барикадите, сега растат сомнежите дека дијалогот со посредување на Брисел би можел да заврши до рокот поставен за март 2023 година. Лајчак истакна дека дипломатските напори нема да престанат, напоменувајќи дека март е одреден како рок „за да се укаже на сериозноста на намерите“ да се постигне договор.

Вучиќ: Ситуацијата е поопасна од што се мисли

Српскиот претседател Вучиќ изјави денес дека разговарал со претставниците на Европската Унија и „ги замолил да водат сметка бидејќи ситуацијата на Косово и Метохија е многу поопасна и потешка од што се мисли“.

„Се плашам од неодговорноста на европските претставници и самоволието на приштинските власти“, кажа Вучиќ во Белград. Истакна дека очекува „во јануари да дојдат големците од светот“ и да порачаат „дека мораме да постигнеме договори“.

Косово, поранешна покраина на Србија, едногласно прогласи во 2008 година независност, која официјален Белград не ја признава. Државноста на Косово ја признаваат главно западните земји, со исклучок на пет земји во ЕУ и Ватикан, а не ја признаваат повеќе од половина земји членки на Обединетите нации.