Германската компанија „Siemens“ отстранила не повеќе од четвртина од идентификуваните дефекти на турбините за гасоводот Северен тек 1 преку кој природниот гас од Русија се испорачува во Германија и Европа, изјави во петокот вечерта заменикот-претседател на управниот одбор на рускиот државен гигант „Газпром“, Виталиј Маркелов за телевизијата Россия 24.
„Повеќепати се обративме до руското претставништво на ‘Siemens’. Испративме десет писма. Компанијата отстрани не повеќе од четвртина од регистрираните дефекти. За другите, за жал, не добивме конструктивни и доволни предлози за враќање на сигурноста и безбедноста за работа на моторите“, изјави Маркелов.
Прецизирајќи за кои и какви конкретно мотори за гасните турбини станува збор, Маркелов тврдеше и дека во периодот мај – јуни биле регистрирани 11 итни дефекти, и тие во моментов се ставени во принудно мирување.
Според него, еден до двигателите уште од април бил подготвен за испраќање на ремонт на погоните во „Siemens“ близу канадски Монтреал, додека работниот век на други два мотора достигнал за ремонт во јуни и јули. Маркелов притоа повтори дека рускиот регулатор издал предупредување за забрана на употреба на тие уреди.
Маркелов, исто така, го повтори предупредувањето на „Газпром“ од минатиот викенд, дека сѐ уште не е примена комплетната документација со дозволи за транспорт и ремонт на моторите за гасните турбини. Отстранувањето на ограничувањата, вклучително и според рускиот регулатор Ростехнадзор, ќе биде овозможено само откако производителот „Siemens“ ќе ги поправи дефектите, појасни.
„Истовремено за германската компанија нема никакво ограничување за пристап до компресорската станица Протоваја и таа ги има сите можности да го изврши сервисирањето. И ние со нетрпение го очекуваме доаѓањето на нивните стручњаци“, рече Маркелов.
Потсети дека роковите за изведувањето на клучниот ремонт имаат големо значење за работата на компресорската станица „Портоваја“ и за самиот гасовод Северен тек 1, што е особено важно за снабдување со гас во претстојниот есенско-зимски период.
Маркелов, исто така, истакна дека испраќањето на моторот на гасната турбина од Канада во Германија наместо директно во Русија не соодветствува на одредбите од договорот. Сега во „Газпром“ го проценуваат влијанието на санкциите на Европската унија против Русија поради војната во Украина, и се земаат предвид можните ризици поврзани со блокирање и заплена на уредите на териториите на земјите членки на ЕУ.
Според договорот, посочи Маркелов, испорачувач на турбините компанијата е „Industrial Turbine Company Limited“, за која се однесува англиското законодавство, па оттаму „Газпром“ е принуден да ги оценува санкциите од Лондон. Истовремено, тој истакна дека дозволите кои ги дала Канада е ги земаат предвид условите од активниот договор и се издадени на компанијата „Energy Canada Limited“ со којашто „Газпром“ и Русија немаат договор.
Маркелов посочи дека „Газпром“ наскоро до сите светски медиуми ќе ја достави преписката со „Siemens“ во врска со ремонтот на турбините.
Рускиот државен гасен гигант „Газпром“ објави дека од средата протокот на гасот ќе падне на 33 милиони кубни метри гас дневно, што значи дека моменталното веќе намаленото ниво на снабдување може и да биде преполовено.
Намалените испораки од Русија уште повеќе ги погодија и онака високите цени на гасот во Европа, предизвикаа паника кај тамошните влади кои стравуваат дека нема да ги пополнат доволно складиштата пред претстојната зима и сезоната на греење. Некои европски земји поради тоа најавија кризни мерки, повикувајќи ги компаниите и граѓаните на максимално штедење.