Конечно пристигна една добра вест за тимот на Металург. Последните информации говорат дека тимот на Кил во Скопје ќе допатува без едни од своите најдобри ракометари, бекот Арон Палмарсон и голманот Андреас Паличка, кои заработиле повреди на последниот натпревар од домашното првенство, на кој Кил играше против тимот на Либек.
Палмарсон и Паличка од терените ќе отсуствуваат околу три недели, а ако се земе предвид дека германскиот шампион не може да смета и на Јиха и Лауге, тогаш станува јасно зошто “металурзите” конечно можат да се насмеат.
Сепак, Кил е Кил, опуштање не смее да има, особено што и во тимот на Металург сезонава работите не одат како што треба. Натпреварот се игра утре (сабота) во СЦ “Борис Трајковски”, а почетокот е закажан за 21:00 часот.