Отворен ден на јавното претпријатие „Водовод и канализација“

Водата е скапоцена затоа што без неа нема да постои живот. И покрај тоа што изгледа дека на планетата Земја вода има во изобилство, факт е дека само помалку од еден отсто од водата на земјата е употреблива за пиење.

Граѓаните на Град Скопје го имаат тој благодет да пијат чиста и санитарно безбедна вода. ЈП Водовод и канализација-Скопје секојдневно се грижи за непречена дистрибуција на санитарно исправна вода до секој дом. Грижата за корисниците на услугите од ЈП Водовод и канализација-Скопје условува постојан посреден или непосреден контакт со граѓаните на Град Скопје.

Во таа насока, а по повод одбележувањето на Светски ден на водата 22 Март, ЈП Водовод и канализација-Скопје ќе организира Отворен ден со цел преку непосреден контакт граѓаните директно да се информираат за сé она што ги интересира во сферата на активностите и услугите кои ги дава Претпријатието ставајќи акцент на безбедноста односно квалитетот на водата за пиење.

Настанот ќе се одржи в сабота на улица Македонија кај спомен куќата на Мајка Тереза, во период од 11 до 14 часот.