Со настап на групите „Љубојна“ и „Брас Брадерс“, како и оркестарот на Бојан Ристиќ, синоќа почна Фестивалот на дувачки оркестри Пехчево 2024. Дводневниот настан продолжува денеска со Етно саемот „Пехчевски Павловден”, како и вечерните настапи на познати балкански музички ѕвезди.
Денешната програма почнува со настап на домашни и странски културно уметнички друштва меѓу кои Руското културно уметничко друштво „Славјанка“, Културно уметничко друштво „Искрици“ од Благоевград, Р.Бугарија.
„Потоа следува настап на домашната група Група Штекици од Берово. Во вечерните часови е и фестивал на детски песни „Поточиња“, а потољ следува главната програма со настап на Дувачки оркестар „Dejan Petrovic Big Band“ од Р.Србија, концерт на Милица Тодоровиќ и настап на Dj Doomloaf“, информираат од Општина Берово.
На Етно саемот „Пехчевски Павловден” производителите од регионот ќе можат да ги претстават своите рачни изработки.
„Да напоменеме дека денес е и Павловден, ден на градот Пехчево заради што и саемот го носи името Пехчевски Павловден. Од таа причина секоја година се служи црковен ручек во црквата Свети Петар и Павле“, посочија од општината.
Оттаму упатија отворена покана до сите граѓани од Малешевијата, Пијанец и пошироко да го посетат Пехчево и да уживаат во подготвената програма во рамки на Фестивалот за дувачки оркестри Пехчево 2024.