Американскиот актер Мајкл Даглас е добитник на почесното признание Златната палма на отворањето во вторникот вечерта на 76-то издание на еден од најреномираните светски филмски фестивали во Кан.
„Ова толку многу ми значи, бидејќи има толку фестивали во светот, но само еден е Кан“, изјави 78-годишниот Даглас, опишувајќи ја наградата како „неверојатна чест“.
Коментирајќи го фактот дека е постар од фестивалот, Мајкл Даглас се осврна на својата кариера и кариерите на своите соработници во филмската индустрија.
Преставувајќи го Даглас, неговата колешка Ума Турман го опиша како „единствен, и како продуцент и како легендарна филмска ѕвезда“.
Во текот на свеченоста на отворањето на фестивалот, Кјара Мастројани рече „Смислата на овој фестивал беше и останува евоцирањето на нашата слобода.., да ја изразиме силата и кревкоста на нашето постоење“.
Мастројани му посака добредојде на жирито, годинава предводено од Рубен Естлунд.
Фестивалот беше отворен со драмата „Жана Дубари“ (Jeanne du Barry), филм на француската режисерка Меивен за монархот од XVIII век кој се вљубил во куртизана и модистка. Станува збор за приказна за Мари-Жана Беку, грофицата Дубари по сопругот, која ја толкува самата Меивен, а Џони Деп го толкува кралот Луј XV..
Индијана Џонс, Дикаприо и Дениро
Фестивалот на францускиот Азурен брег, којашто трае до 27-ми мај, вклучува мноштво премиери, меѓу кои и „Индијана Џонс и бројчаникот на судбината“ кој ќе биде прикажан во средата, што ќе биде петтото и последното продолжение од серијалот со Харисон Форд како археолог во главната улога.
Во сабота ќе биде прикажан најновиот филм на Мартин Скорсезе под наслов „Killers of the Flower Moon“ со Леонардо Дикаприо и Роберт Дениро во насловните улоги.
Истиот ден посетителите ќе може да ги видат Натали Портман и Џулиен Мур во филмот „May December“ во режија Тод Хејнс.
Тоа е еден до вкупно 21 филм кои се натпреваруваат во официјалната конкуренција за Златната палма, а меѓу режисерите седум се жени, најмногу досега.
Неколку лауреати се вратија во официјалната конкуренција, вклучително и двојниот победник Британецот Кен Лоуч, Јапонецот Хироказу Коред-еда и Германецот Вим Вендерс.
Фестивалското жири го предводи минатогодишниот победник, Швеѓанецот Рубен Естлунд со филмот „Триаголникот на тагата“, а членови се и холивудските ѕвезди Бри Ларсон и Паул Дано.
Околу илјада полицајци и обезбедувачи се ангажирани на фестивалот, поради стравувањата од масовни протести поврзани со непопуларната пензиска реформа на францускиот претседател Емануел Макрон, а влијателниот синдикат CGT дури се заканува и со исклучување на струјата.