Градоначалникoт Орце Ѓорѓиевски, амбасадoрот на Унгарија во Република Македонија, н. Е., Андраш Клеин и претставникот на Националниот Совет на Унгарците во Војводина Ерика Кабок, денес ја открија бистата на Шандор Петефи и со тоа го ставија во функција новиот парк во населбата Драчево. Изграден во соработка со Амбасадата на Унгарија и Здружението на Унгарците во Македонија, “Теледом”, паркот со мини плоштад се протега на површина од околу 1000 квадратни метри.
-Денес, во соработка со амбасадата на Унгарија и Здружението на Унгарците во Македонија, “Теледом”, отвораме нов парк, изграден на површина од околу 1000 квадратни метри. Во срцето на овој парк се наоѓа бистата на Шандор Петефи, истакнат историски лик и значаен симбол во создавањето на унгарската држава. Со поставувањето на ова обележје, не само што го разубавуваме нашиот град, туку и даваме можност на нашите граѓани да се запознаат со богатата унгарска историја и култура. Верувам дека ова обележје ќе ги инспирира нашите жители и ќе го разбуди нивниот интерес за унгарската култура, што ќе придонесе за уште поблиски односи меѓу двата народи. Новиот парк се простира на просторот кој некогаш беше депонија. Сега е трансформиран во место каде нашите граѓани можат да се рекреираат, да се дружат и да се релаксираат. Новата урбана опрема, хортикултурното уредување, пешачките патеки и осветлувањето придонесуваат за создавање на пријатна околина за нашите граѓани, а посебно важнен е придонесот за зачувување на животната средина, со што истакнуваме и еден важен еколошки момент. Посебно сакам да го истакнам пријателството и соработката меѓу нашата општина и Унгарија. Преку многубројни проекти и активности, амбасадата на Унгарија и здружението на Унгарците во Македонија се покажаа како верни и посветени партнери. Дозволете ми да изразам длабока благодарност до нив за нивната континуирана поддршка и соработка. Општина Кисела Вода има одлични релации со Унгарија и се надевам дека овие врски ќе продолжат да се развиваат и во иднина. Веќе имаме реализирано многу заеднички проекти и иницијативи, но нашата визија за иднината е исполнета со нови идеи и предизвици за кои, се надевам, ќе ги реализираме заедно-истакна во своето обраќање градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
На настанот кој го отворија Игор и Ана Дурловски со изведба на македонската и унгарската химна, збор зеде и заменик државниот секретар за национална политика на Унгарија д-р Силаѓи Петер. Тој ја ја поздрави соработката со Општина Кисела Вода и истакна дека поставувањето биста на нивниот херој Шандор Петефи ја вбројува оваа локална самоуправа во семејството на пријатели на Унгарија. Во име на донаторот на бистата, Националниот Совет на Унгарците во Војводина говореше Ерика Кабок, како и претседателот на Здружението на Унгарци на Македонија – Теледом, Јожеф Шутуш. Присутни беа и државниот секретар во Министерството за Образование на Република Србија Анико Јерас, градоначалникот на општина Игал од Унгарија, Санто Имре Ласло, делегација од општината Сента, Република Србија и делегација на организацијата Маѓар Со од Бања Лука.
Свеченоста со своите изведби ја затворија оркестарот Јухас и играорците на Дуна Танода, како и ансамблот “Китка” од Драчево. Тие вечерва, со почеток во 18 часот, ќе одржат голем концерт во Домот на култура во Драчево.