
Началникот на главниот штаб на грчката полиција ќе ја води интерната истрага за синоќешните настани во главниот град Атина, кога во судирите меѓу навивачките групи пред дуелот меѓу домашниот АЕК и загрепски Динамо во квалификациите за фудбалската Лига на шампионите смртно настрада 22-годишен навивач на грчкиот фудбалски великан.
Истрагата треба да се занимава со пропустите на грчката полиција којашто не го спречила доаѓањето на навивачите на Динамо во Атина, иако за тоа била предупредена од страна на хрватските и црногорските колеги најмалку два дена однапред.
Истрагата, како што е објавено во вторникот, ќе ја води полцискиот генерал-полковник Елефтериос Гарилас, кој ќе истражува и зошто атинската полиција не успеала да ги запре хулиганите и покрај забраната за доаѓање на гостински навивачи на мечот со АЕК, кој во вторникот вечерта требаше да се одигра на „ОПАП арената“ во атинскиот кварт Неа Филаделфија, каде и се случи судирот со трагичните последици. Поради овој смртоносен инцидент Здружението на европските фудбалски сојузи (УЕФА), која ја организара Лигата на шампионите, реши дуелот да биде одложен.
Одделот на грчката полиција за сузбивање на насилството на спортските терени извести дека полициската управа со три документа во кои се пренесува податокот на хрватската Безведносно-разузнавачка агенција (SOA) била известена дека „речиси 100 навивачи на загрепски Динамо планираат да отпатуваат во Грција, каде што домаќини ќе им бидат грчки навивачи или ќе отседнат во сместувачки единици изнајмени преку платформата Airnub“. Во пораките од хрватската агенција до грчката полиција се наведувало и дека и навивачите на АЕК се известени за овие доаѓања и дека се организираат во близина на стадионот „ОПАП Арена“.
И покрај предупредувањата и од црногорската полиција дека хулиганите патувале и низ оваа земја, автомобилскиот конвој успеал да мине низ Грција кон Атина без никави запирања и проверки. Некои од хулиганите полициското обезбедување ги забележало на наплатната пункт Елефсина, додека неколку од нив запреле во Кијато, северозападно од Коринт. Од таму се поделиле во помали групи и се упатиле кон Атина со приватни автомобили, кои според некои информаци во грчките медиуми имале и јасни навивачки обележја, а други со градската железница на метрополата.
Сепак, најголемиот дел од групата патувал со околу 25 автомобили до станицата „Ирини“ на линијата 1 од атинската подземна железница, каде што се сретнале со навивачите на Панатинаикос, со коишто навивачите на Динамо се во пријателски односи, а кои пак се најголеми ривали на навивачите на АЕК. Според некои медимски написи, се претпоставува и дека навивачите ја Панатинаикос ги „снабдиле“ навивачите на Динамо со алатките кои биле користени во масовната тепачка, при што во медиумите се споменуваат и палки, ножеви, па дури и секири.
Од таму со споменатата линија патувале до станицата „Пефкакија“ а потоа се собрале кај „ОПАП Арената“ пред којашто во понеделникот вечерта се судрија со навивачите на АЕК.
Единици на грчката интервентна полиција (МАТ) биле мобилизирани, но стасале на местото по ерупцијата на насилството во коешто еден навивач на АЕК е избоден со нож и набрзо потоа починал. Повредени и хоспитализирани се вкупно осум лица, меѓу кои тројца се хрватски хулигани.
Приведени се вкупно 98 лица кои се осомничени за учество во насилните инциденти. Од нив 84 се хрватски државјани, еден државјанин на Австрија, еден на Босна и Херцевина, еден на Германија, еден на Албанија и двајца се Грци. Сместени се во притворниот центар „Атика“, додека некои од повредени се под полициски надзор во болница.
Судирите предизвикаа и пожар во коритото на блискиот канал кој беше изгаснат, а полицијата била присилена да употреби солзавец за да ги раздвои и растера двете хулигански групи а потоа да ги апси вмешаните во судирите.