Отворена официјална истрага против Павел Дуров, сопственикот на Telegram

Француските истражни судии во средата отворија во средата вечерта официјална истрага против технолошкиот милијардер со руско потекло, Павел Дуров, откако тој помина четири дена во притвор како дел од истрагата за улогата на неговата апликација за пораки Telegram во организираниот криминал.

Како што претходно беше наведено, периодот на притвор на Дуров можеше да се продолжи најмногу до средата вечерта 28-ми август, бидејќи не може да надмине 96 часа.

Отворањето официјална истрага во Франција против него не подразбира вина или нужно води до судење, но укажува дека правосудните органи веруваат дека има доволно материјал за да се продолжи со истрагата во случајот.

На Дуров му е одредена кауција со услов да плати полог од 5 милиони евра. Од него се бара и двапати неделно да се јавува во полиција и не смее да ја напушти Франција.

Дуров беше приведен на аеродромот „Ле Бурже“ на 24-ти август. Обвинителството во Париз подоцна соопшти дека Дуров бил приведен на сослушување како дел од случајот отворен на 8-ми јули против неименувано лице под сомнение за 12 кривични дела. Освен тоа, француските власти ја истражуваат наводната вмешаност на Дуров во прикривање податоци за нелегални активности на интернет, вклучително и дистрибуција на детска порнографија и трговија со дрога. Тој е осомничен и за неподготвеност да соработува со властите. Според медиумите, тој може да се соочи со затворска казна до 20 години.