Отворена претстечајна постапка за „Фени“

За кавадаречкиот фабрика  „Фени индустри“ која е  значаен извозник од земјава, отворена е претстечајна постапка. За привремен стечаен управник е назначен Мирослав Анастасиевски од Гостивар. Постапката се отвора по барање на Комерцијална банка, Стопанска банка и Силк роуд банка, како најголеми доверители.

Банкарите тврдат дека ова е обид фабриката да се реконструира, но 850 вработени во  „Фени“ два месеци стравуваат за нивната егзистенција, кога на почетокот на септември комбинатот престана со производство.

„Фени“ покрај 40 милиони евра долг кон банките има долг од уште 20 милиони евра кон други доверители – за испорака на електрична енергија, за транспортни услуги и за набавки на репро материјали.

Токму еден од доверителите (за струја) е компанија од Бугарија – „Енекод“, која најави дека ќе го преземе „Фени“.

Според документи од Централниот регистар, во „Фени индустри“ се сменети сите директори  и претседателот на Управниот одбор, а на нивно место се поствени лица од бугарската компанија  „Енекод“.

На брифинг со новинари, директорот на Комерцијална банка Хари Костов кажал дека сопственоста на „Фени“ не е сменета, односно дека сопственик на комбинатот и понатаму е групацијата „Кунико“, која е една од водечките трговци со фероникел.

„Кунико“, во 91 процент е сопственост на две компании чии сопственици се од земјите од поранешните руски републики, а 9 проценти ѝ припаѓаат на компанија во сопственост од Израел. Промената на имињата на директорите во Централниот регистар не мора да значи и промена на сопственоста. Но, зошто „Кунико“ би назначувал директори од Бугарија, кои пак се во сопственичката структура на „Енекод“?, пишува Слободен печат“.

Иако раководството претставува дека бугарски „Енекод“ е новиот сопственик на „Фени“, банките тврдат дека таква согласност не дале и се сомневаат дека со оваа фирма може да постигнат договор за продажба.

„Во досегашните преговори со оваа фирма побаравме отплата на дел од обврските и репрограмирање со бизнис-план кој би бил доказ дека може да обезбедат дополнителни средства и доказ дека може да овозможат комбинатот да продолжи да работи. Преговорите завршија без успех. ’Енекод’ понуди минимални плаќања, немаше бизнис-план за работњето, немаше обрт на средства. Се сомневаме дека ’Енекод’ е доволно силна за да ги преземе обврските. Јавија дека ги исплатиле платите, но тоа го направија со заем од други компании. Фирмата воопшто не е регистрирана во Централен регистар. Според договорот за кредитирање, банките имаат право врз основа на нивна процена на новиот сопственик да му дадат согласност за продажба. Се појавија информации дека ’Енекод’ е новиот сопственик, но тоа не е точно. Информираа и дека преговараат со некои Кинези, но нема трага и од нив“, вели Костов.

Од Владата информираат дека тие не се мешаат во работата на приватна компанија, но дека се заинтересирани комбинатот да продолжи со работа,  а заинтересирани се и да се најде купувач што ќе ги подмири обврските кон доверителите.

Во меѓувреме изминативе две недели во „Фени“ влегле Финансиска полиција и Управата за јавни приходи, кои ги истражуваат случувањата во комбинатот.

„Фени индустри“ е најголемата македонска компанија за производство на фероникел. Поради неговата специфична хемиска содржина, како и формата и големината на гранулите, македонскиот фероникел се смета за еден од најквалитетните во светот.