За првпат во нашата земја од оваа учебна година во средното училиште „Никола Карев“ во Скопје почнува со работа билингвална паралелка на италијански јазик, каде учениците ќе го изучуваат италијанскиот јазик шест часа неделно и на крајот од четиригодишното школување ќе добијат сертификат Б2 за познавање на италијанскиот јазик.
– Навистина ми е драго што денеска, на 1 септември можеме да објавиме отворање на нова паралелка, билингвална на италијански јазик, за првпат во историјата на нашата држава – изјави министерката за образование и наука Мила Царовска по посетата на средното училиште „Никола Карев“.
Италијанскиот јазик ќе се изучува со два часа редовен и четири часа дополнителен курикулум.
– Ќе се изучуваат културата, книжевноста, уметноста и историјата. Учениците на крајот од четиригодишното школување ќе добијат сертификат Б2 за познавање на италијанскиот јазик, што многу лесно ќе им овозможи да се запишат на некој од универзитетите во Република Италија – рече директорот на училиштето, Андреј Манолев.
Во италијанската паралелка годинава се запишани 23 ученици во прва година, кои наставата ќе ја посетуваат во две смени.
– Голема благодарност до директорот на гимназијата, министерката за образование, Амбасадата на Република Италија, кои заедно со Градот Скопје овозможија да внесеме новина во средното образование, на нашите ученици – рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
Италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри рече дека има зголемен интерес за изучување на италијанскиот јазик и култура во нашата земја.
– Во 2018 година Владата донесе закон со кој се овозможува италијанскиот јазик да се изучува во примарно учичиште, што е многу важно. Денес има речиси 2.000 ученици во примарните и секундарни училишта низ целата земја. Важно е дека има интерес и од учениците и од родителите – рече Силвестри.