Отворена стечајна постапка за „Еуроникел“, работниците побаруваат 2,1 милион евра за плати

Основниот суд во Кавадарци отвори стечајна постапка за фабриката „Еуроникел индустри“откако барања за стечај поднесоа: компанија од Прилеп за долг од 10.000 евра, јавно претпријатие од Кавадарци и вработените преку Синдикатот за неисплатени четири плати. За стечаен управник е назначен Ацо Петров.

Вкупно 670 вработени во „Еуроникел“ имаат побарување од 130 милиони денари или 2,1 милион евра за четири неисплатени плати.

Според извештајот, „Еуроникел“ нема недвижен имот и сега е во сопственост на банката, но има возила, готови производи од никел, канцелариска опрема со залихи и авто-делови.

Вработените стравуваат околу исплатата на четирите плати.

„Стечајот се отвори, но во исто време ни потврдија дека компанијата нема никаков недвижен имот. Што ќе продаде стечајниот управник за да ни ги исплати платите? Сиот движен имот нема да ги покрие платите, има резевни делови кои вредат, но ќе треба многу долго време за тие да се продадат. Единствен начин, реален за нас за брзо да ни исплатат е ако се продаде никелот во печката. Тој е вреден 5-6 милион евра, но не знаеме дали Комерцијална банка ќе го купи оти печката е во нивна сопственост и се уште се грее и одржува во работна состојба “, прашуваат вработени.