Отворено писмо до Министерство за правда, Министер проф. д-р Никола Тупанчески
Почитуван Министер,
Активно следејќи ги последните настани поврзани со организираниот криминал во кој се инволвирани вработени во Универзитетот Југоисточна Европа во Тетово, во првиот случај на издадени над 400 дипломи од Правен факултет со завршени 180 кредити на кои им се признава статус како да завршиле четиригодишни студии – VII степен и вториот случај поврзан повторно со вработени во тој универзитет и поранешната Комисија за полагање правосуден испит и служебеници од Министерството за правда на чело со тогашниот министер Атнан Јашари, се решив да Ви се обратам за следното:
- Независно што погрешно е применето дискреционото право на екс министерот Јашари, Вие исто така ќе навлезете во криминална сфера доколку не формирате Комисија со која сите решенија издадени од Министерство за правда за добивање на лиценца за положен правосуден испит ќе ги ПОНИШТИ како НЕЗАКОНИТИ! Како што нам ни е јасно што е повреда на владеење на правото, Вам како редовен професор Ви е уште појасно. Пропуштањето од Ваша страна е идентично на противправното дело на поранешниот министер за правда.
- Како може кога функционери од ДУИ ќе извршат злоупотреба од позиција на власт, конкректно злоупотреба на службената должност да се третира за ТЕХНИЧКА ГРЕШКА и да нема кривична одговорност, а доколку некој друг го стори истото ќе заврши во Идризово? Така ли ги учите идните правници на факултетот кај Вас?
- Денес гледаме како поединци за сообраќајка добиваат драконска казна за што и Вие лично се залагавте на телевизија и за што Ве поддржувам, затоа што некому да му се прекине животот е тешко дело и никој не треба да биде ослободен од позиција на моќ, а камоли за кривично издадени дипломи на неписмени кадри.
- Очекувам веднаш да преземете активности, а во спротивно подобро да си поднесете неотповиклива оставка затоа што има уште многу случаи на злоупотреби во овој период во министерството и нема да биде пријатно да се објават, а се поврзани со лиценци од спорни комисии за што одредени свиркачи веќе доставија материјали и истите ќе бидат проследени до амбасадорката на САД во Македонија.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес