Отворено писмо до македонскиот народ: ДАЛИ СМЕ ПРИ ОЧИ СЛЕПИ?

Светските центри на моќ кои ја туркаат оваа идеја чекор по чекор, плански, од независност наваму, имаат сесрдна помош од македонските политички партии и оној дел од македонскиот народ кој е неосвестен и зачмаен заради единствениот идеал што го имаат во животот… парите и материјалната удобност.

На терен нештата изгледаат погубно. СДСМ како некој измеќар, подготвен е на секакви национални отстапки за да се дограби до власт, тоа го прави во континуитет од независност наваму, за што имаме потврда во блиското минато. ВМРО ДПМНЕ десет години беше на власт, дозволи да се укинат трите столба на државноста, а сега се сведе на безидејни партиски соопштенија со кои, сакале тие да признаат или не, стануваат соучесници на последната етапа од македонската голгота. Албанците се злоупотребени од центрите на моќ како оружје против македонската државност, но од друга страна си ја туркаат својата национална агенда, а ние, за жал, никогаш ништо не научивме од нив, особено нивната љубов кон сопствениот идентитет, корен, нација, знаме, јазик и име.

„Македонски манифест“ е свесен дека сме застанати пред последната етапа од планираниот идентитетски геноцид врз нас. Оставени сме сами на себе, односно на оној дел од македонскиот народ кој е свесен за националните прашања, кои пак, со децении наназад агресивно се нападнати од центрите на моќ и домашната петта колона.

Затоа Македонци, сетете се дека и среде најстрашните окупации во минатото, среде сурова немаштија, странски пропаганди, масакри и насилие, стотици илјади синови и ќерки на Македонија сонувале за македонска држава и ги дале животите за тој идеал. Бидете будни и не дозволувајте при очи, слепци да останеме.