Интелектуалци од цел свет испратија Отворено писмо со аргументи против Преспанскиот „договор“. Професори од Харвард, Принстон, Лондон, Болоња, Сорбона, Загреб, Австралија и други места, како и писатели, поети, уметници, уредници, издавачи и други интелектуалци го ставија својот потпис на Отворено писмо со аргументи против преспански договор, објави Лидер.
Тие во писмото посочуваат дека договорот не им служи на интересите ниту на Македонија, ниту на Грција. Тој не е заснован на респект за меѓународното право, човековите права и демократските принципи.
Понатаму, се потенцира дека со овој договор којшто се обидува да дефинира политички, историски и културни граници помеѓу „античка Македонија“ и (она што треба да биде) Северна Македонија е бизарен потфат несоодветен за 21 век.
– Договорот претставува негација на уставниот суверенитет на Република Македонија, со тоа што последниот збор им е даден на пратениците на странска држава (Грција). Новото име е наменето да се употребува не само во меѓународните односи, туку и во внатрешниот правен поредок. Атрибутот „македонски“ ќе биде избришан од сите службени документи и од јавна употреба под закана од орвелијански санкции. За изучувањето на историјата ќе одлучуваат владини тела, а не научните работници. Меѓународниот мисменаџмент продолжува. Поддржувајќи ги мерките за градење доверба, разрешување на конфликтите и помирувањето, ние застануваме на тврдењето дека Преспанскиот договор не ветува одржлив мир. Членството во НАТО нема да доведе во социјален и економски прогрес или безбедност за малата македонска држава; иронично, но токму Грција е најдобриот доказ за тоа што произведуваат меѓународните диктати на европската периферија.
Меѓу 76 – те потпишани интелектуалци на отвореното писмо, има многу познати Македонски и странски имиња.
Дел од нив се познатиот писател Милан Кундера, Џејмс Петифер од Оксфорд и Кембриџ, Горазд Росоклија и Славко Богданов од Универзитетот на Колумбија,Стефано Бианчини од Болоња, Жан Павлески од Соробона, Жан Патрик Конард од Лондонскиот универзитет, Ричард Фалк од Принстон и уште многу други.
Инаку, еден од најстарите и највлијателни британски весници познат по залагањето за заштита на човекови права и слободатa на изразување одби да го објави ова писмо потпишано од македонски и странски интелектуалци, кое е одговор на дописот објавен во Гардијан на 20 јули, потпишано од 45 професори и интелектуалци во кои се лобира за прифаќање на Преспанскиот договор.