За време на двегодишната политичка криза, Република Македонија се соочи со низа политички удари кои имаат за цел погубно да влијаат по опстанокот на македонската државност и идентитет.
Носењето одлуки без даден легимитет од народот од страна на политичките лидери, комплетното уништување на безбедностните структури на државата, вмешаноста, диктатите и уцените на странските мешетари, создавањето на противуставниот Пржински договор и Специјално јавно обвинителство, но и огромната поделеност меѓу граѓаните, отворија можност за лесно и агресивно дејствување на оние чија цел е погребување на Република Македонија и нејзиниот вековен идентитет.
А овие удари доаѓаат од секаде. Секојдневните агресивни настапи на грчкиот претседател Павлопулос во кои јавно истакнува дека Македонија е грчка, изјавата на српскиот министер за ндворешни работи Дачиќ дека Република Србија згрешила што ја признала Македонија под уставно име, потпишувањето на сеалбанската платформа во странска држава под диктат на албанскиот премиер Еди Рама и поранешниот шеф на ЦИА… сето ова изгледа како организиран напад на глутница хиени кои начекале рането животно.
Последниот удар доаѓа со резолуцијата на Европскиот парламент во која се тврди дека во Мала Преспа, Голо Брдо и Пустец живеат Бугари. Македонски манифест најпрво сакаше ова протесно писмо да го испрати на адреса на Европската Унија која очигледно со оваа резолуција сака искрено и недвосмислено да се стави на страната на оние што сакаат засекогаш да ја уништат Република Македонија, но тоа би бил само залуден крик во празно, затоа што однесувањето на ЕУ спрема Македонија е одамна прочитана книга. Лицемерноста и двојните стандарди на Европската Унија македонскиот народ со години ги чувствува на сопствената кожа. Зарем може некој да поверува дека лицемерната Унија некогаш ќе се осмели да донесе резолуција во која ќе посочи дека во Република Грција живеат Македонци кои имаат право на свое национално изјаснување?
Оттука, секаков дијалог со ЕУ и со нејзиниот корумпиран и фашизоиден спрема Македонија бирократски систем во распаѓање е бесмислица. Она што силно нè загрижува нас од Македонски манифест е немањето никаква реакција од страна на официјалните преставници на македонската држава и нејзините политички партии. Како сите да се напикале во глувчешки дупки. Освен ако не се смета за реакција некаков си коментар на Фејсбук напишан од македонскиот министер за надворешни работи. Тоа може ќе беше и нормално ако Република Македонија беше некаква си видео игра со која секој може да си игра, а не држава со нападнато Име и идентитет.
Затоа, Македонски манифест сака да го потсети и да му посочи на македонскиот народ дека кога сме нападнати однадвор и одвнатре, кога практично се укинати трите столба на државата, а хиените веќе напаѓаат, кога политичарите се неми заради нивната неспособност, тогаш единствен што може да застане во одбрана на татковината е токму нејзиниот народ. Затоа Македонците мора да бидат спремни до последен здив и капка крв да ја бранат својата единствена татковина и нејзиниот идентитет.