Само што започна новата учебна година за учениците во ОУ „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје е прекината истиот ден и одложена на неодредено време. Причина за одложување на наставата е реновирање на училиштето за кое не е познато до кога ќе трае, пренесува МКД.мк.
Според член 38 став 6 од Законот за основно образование „Воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што решава основачот, а по претходна согласност со Министерството.“
Родителите на учениците се револтирани од односот на директорката и на надлежните во Министерството за образование.
Учениците денес се дома, а дома ќе бидат и следните денови. Вчера откако децата се вратија дома по првиот училишен ден, училишето на својата Фејсбук страна објави дека поради градежни работи следниве денови нема да се одвива настава, и дека не се знае кога ќе продолжи“, вели мајка на дете од второ одделение во ОУ „Гоце Делчев, за МКД.мк.
Мајката револтирана реагира за спорните работи околу целиот случај.
Градежните работи се започнати од лани и се уште траат. Зошто не работеа преку летото? Зошто директорката објавува на Фејсбук и тоа откако заврши првиот училишен ден. Децата со недели ги подготвуваме за почеток на школската година, од дочитување на лектирите, до постепено будење порано, а за прекин на наставата не информираат по завршување на првиот училишен ден. Дали надлежните знаат дека голем број на родители нема каде да ги остават децата. Сметам дека јавноста треба да биде информирана за ваквото несериозно однесување на едно државно училиште во центарот на главниот град, вели мајката.
На Фејсбук објавата за прекин на наставата во ОУ „Гоце Делчев“ родителите реагираат за несериозноста на директорката и надлежните во Министерството за образование.
„Ова е несериозно сега да се соопштува вакво нешто. Кај се гради зградата повеќе од 1 година сигурно беше возможно ова да се соопшти некој ден порано. Пародија од образование“.
„Слободно може да се прогласите за едно од најнеорганизираните училишта во градот. На 03.09. на пладне соопштувате дека редовната настава е одложена заради градежни активности. Сериозни ли сте? На децата што да им кажеме?“
„Како очекувате учениците да ве сфатат сериозно кога вие се однесувате крајно несериозно кон нив, и кон нас родителите?“
Ова се само дел од коментарите оставени од родителите на објавата од ОУ Гоце Делчев.
Став за целата ситуација со училиштето побаравме од директорката на ОУ „Гоце Делчев“ но на нашите телефонски повици ни беше кажано дека директорката е на состанок.
За несериозноста на надлежните во ОУ „Гоце Делчев“ очекуваме одговори од Министерството за образование и наука.