ОУ „Киро Глигоров“ ја доби годишната награда за најуспешно архитектонско дело во 2019 година

????????????????????????????????????

Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, ја врачи Големата годишна награда за архитектура во 2019 година за основното училиште „Киро Глигоров” на Бесиан Мехмети, Стефан Атанасоски, Никола Кунгуловски и Арменд Хебипи. Големата годишна награда ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а претседателот Пендаровски е покровител на манифестацијата.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна дека секое архитектонско дело, меѓу другото, е резултат на низа компромиси, независно дали се буџетски, просторни, временски. „Но, убеден сум дека најголемиот компромис што мора да научиме да го правиме, е компромисот во полза на здравата животна средина и хуманиот простор. Ако сакаме градбите од нашата генерација да го издржат тестот на времето, тие мора во себе да ја вградат солидарноста кон луѓето и одржливоста кон природата”, рече претседателот Пендаровски. Тој во обраќањето потсети на скорешното крајно негативно искуство кога политичарите беа архитекти, а архитектите само извршители на нивните замисли и упати порака до архитектите – „Сакам да апелирам до сите вас, и сега и во иднина, никогаш да не правите компромиси со вашиот личен и професионален интегритет и наместо правилата и етиката на вашата професија да го следите диктатот на политиката”, порача претседателот Пендаровски.