Лица од повеќе државни институции, вклучувајќи го и МВР, соработувале со криминалната нарко-група која веќе е разбиена, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Според него, утврдено е кои се лицата и тие не доаѓаат само од МВР, туку некои се и од други министерства, судови, јавни обвинителства…
-Утврдивме лица од институции на државата кои ги пренесувале податоците, односно биле соработници на криминалните активности на групата. Ова е почетокот на чистењето на криминалните структури во системот и јакнење на довербата кај граѓаните. Ќе бидете сведоци во наредниот период за нови активности, некогаш ќе бидете и зачудени од имињата, но правдата мора да го стигне секого. Има инволвирани во многу институции, и во МВР и во други агенции и во министерства и во судови, и во јавни обвинителства,… Затоа реков, можеби ќе се зачудите во наредниот период, но тоа еднаш мора да излезе на виделина и да се покаже кои се тие кои во одреден момент велеа „држете го крадецот“, истакна Спасовски, одговорајќи на новинарски прашања откако претходно информира дека криминалната нарко-група броела 16 лица од кои седум се веќе уапсени, а и останатите ќе бидат лишени од слобода.
Спасовски потенцира дека борбата против криминалот не е работа на позиција или опозиција, на СДСМ, ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ и независно од техничката влада, како што рече, неговите колеги од МВР ќе продолжат интензивно да работат на разоткривање на секој случај и на секој човек вклучен во криминална активност.
-Истрагите, борбата против криминалот и откривањето на кривичните дела не се работа на позиција или опозиција и тука не ме интересира ни СДСМ, ни ДУИ, ни ВМРО, ни кој било друг. Ме интересираат колегите кои работат. Целиот тим на МВР работеше со години за да дојдеме до ваков резултат. Немам никаков сомнеж дека тие колеги ќе продолжат интензивно да работат на разоткривање на секој случај и на секој човек вклучен во криминална активност, така што, не технички, свети-технички влади нека има, овој процес не може да го стопира никој жив, подвлече министерот.