Директорот на Музејот на жртвите на геноцидот во Белград, Дејан Ристиќ, испрати писмо до сите амбасадори акредитирани во Србија, во кое предупреди дека нацрт-резолуцијата за „геноцидот“ во Сребреница, за која денеска треба да се разговара на затворен состанок во ОН, е „пример за искривување на историјата и селективни сеќавања“ на настаните на територијата на поранешна Југославија.
Во писмото Ристиќ предупреди дека усвојувањето на таа резолуција „значително ќе ги поткопа и загрози децениските напори за постигнување мир и историско помирување на сите три народи кои со векови живеат на територијата на Босна и Херцеговина.
- Ако се стремиме кон мир, треба заедно да работиме на сеопфатна, неселективна и објективна култура на сеќавање. Токму поради оваа причина, ги повикуваме владите на земјите-членки на ОН да ги разгледаат бројните опасности што би произлегле од евентуалното усвојување на споменатата нацрт-резолуција, чие објавување веќе предизвика длабоки поделби и во босанско-херцеговското општество како и во рамките на целиот Западен Балкан – вели Ристиќ.
Тој потсети дека за време на внатрешниот вооружен конфликт во Босна и Херцеговина, од 1992 до 1995 година, биле убиени околу 100.000 луѓе од сите националности, и дека во контекст на „масакрот“ во Сребреница во јули 1995 година, биле убиени нешто повеќе од 8.000 Бошњаци.
- Иницијативата да се издвојат нешто повеќе од 8.000 жртви, од вкупно 100.000 жртви на вооружениот конфликт во Босна и Херцеговина, во рамките на предложената нацрт-резолуција, е пример за искривување на историјата и селективно сеќавање на ова трагично поглавје од минатото на Западен Балкан – рече Ристиќ.
Тој предупреди дека ваквите иницијативи можат да создадат општествен амбиент во кој страдањата на една етничка група „се обележуваат и вреднуваат повеќе од другите, односно се воспоставува еден вид хиерархија на жртви и злосторства“.
- Таквиот пристап би бил вознемирувачки и загрижувачки за сите заедници погодени од споменатиот вооружен конфликт – Србите, Хрватите и Бошњаците. Ваквите обиди може да доведат до силна дестабилизација на мирот и стабилноста, не само во Босна и Херцеговина, туку и во целиот регион – изјави директорот на Музејот на жртвите на геноцидот.
Иницијатори на резолуцијата за која Генералното собрание на ОН треба да гласа на 2 мај се Германија и Руанда, а во документот се предлага 11 јули да биде прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на „геноцидот“ во Сребреница.
Нацрт-резолуцијата бараше „секое негирање на геноцидот во Сребреница“ да се осуди „без резерва“, додека членките на ОН се повикани да ги зачуваат утврдените факти и да развијат соодветни програми преку нивните образовни системи, со цел да се спречи ревизионизмот и геноцидот во иднината.