Поранешниот советник во министерството за финансии, Бранимир Јовановиќ смета дека поразителна е бројката од 324 илјади граѓани на кои Владата ќе им додели платежни катрички, истакнувајќи дека со оваа мерка на граѓаните им се даваат трошки и милостиња, наместо да се решат системски проблемите.
Тој во разговор за ТВ 21 истакна дека токму оваа бројка дава една друга слика која покажува дека, за жал, во нашата држава поголемиот дел живеат со помалку од 15 илјади денари месечно.
-Дефинитивно е поразителна статистиката, со тоа што мислам дека бројките се уште полоши од ова, бидејќи во оваа бројка не се влезени и пензионерите. Голем дел од пензионерите, веројатно една половина, односно 150 илјади имаат пензии кои се помали од 15 илјади денари. Официјалната стапка на сиромаштија во државата е околу 22 проценти, односно 455.000 кај нас живеат во релативна сиромаштија, а според Светска банка, апсолутната сиромаштија во земјава изнесува 110.000, односно толку граѓани живеат со помалку од 40 денари на ден. Има и бројки за висина на приходи од Министерство за финансии, 50% од луѓето имаат доход под 212 евра месечно, истакна Бранимир Јовановиќ.