Јовановиќ: Светска банка потврди дека Македонија најлошо се справува со кризата, за една година ќе има 50.000 нови сиромашни

Бранислав Јовановиќ, економски аналитичар, во вечерашното вклучување во емисијата Топ тема на Ваша Страна на ТВ Телма вели дека Извештајот на Светска Банка каде се проектира дека економскиот раст на Македонија ќе биде 1.2 проценти, е превисок и преоптимистички.

-Извештајот на Светска Банка е дури и преоптимистичен за Македонија, затоа што прогнозата што тие ја даваат за економскиот раст оваа година од 1,2 проценти, мислам дека е превисока. Ние како институт проектираме 1 процент раст. За следната година тие проектираат 2,7 проценти, значи уште подобро од оваа година, а ние за следната година проектираме забавување 0,6 проценти. И скоро сите други институции во светот за наредната година проектираат забавување, бидејќи следната година ќе биде потешка од оваа, посочи тој.

Јовановиќ потенцираше дека Светска Банка во својот Извештај проектира најнизок раст на Македонија во однос на земјите од регионот, бидејќи најлошо се справува со кризата, како и дека се потврдува оти во Македонија ќе се зголеми бројот на сиромашни граѓани за 13 проценти, односно од 450.000 за само една година ќе има нови 50.000 сиромашни граѓани.

-Според мене два момента се главни во Извештајот на Светска Банка, а тоа е дека растот кој што ќе го има оваа година Македонија е најнизок во регионот. И тоа е првата главна порака дека Македонија од целиот регион најлошо се справува со оваа криза во овој момент. Второ што е многу важно, тие имаат еден пасус каде што кажуваат дека голема е шансата оваа криза да ја зголеми стапката на сиромаштија односно бројот на сиромашни во државата за дури 13 проценти. 13 проценти пораст на сиромаштија значи дека од сегашните 450.000 сиромашни, ќе имате уште 50.000 сиромашни само во период една година од оваа криза со инфлација, со покачување на цената на храната и се останато, истакна Јовановиќ.