Јовановска: Како доктор по ветеринарна медицина имам огромна желба за понатамошно усовршување

Биљана Јовановска e асистент ветеринар во една од најстарите организации за заштита на животни во Италија, ENPA (Ente Nazionale Protezione Animali), во склоп на Ветеринарната клиника која се наоѓа во Милано. Таа претходно работела во Зоолошката градина во Скопје,  a љубовта кон животните билa пресуднa за да се запише на Факултет за ветеринарна медицина-Скопје, од каде штот има незаборавни спомени од студиите.

Што работите денес и кој е предизвикот?

Биљана: Во последните две години сум вклучена како асистент ветеринар во една од најстарите организации за заштита на животни во Италија, ENPA (Ente Nazionale Protezione Animali), во склоп на Ветеринарната клиника која се наоѓа во Милано. Во меѓувреме сум и студент на Факултетот за ветеринарна медицина во Милано, односно во процедура за нострификација на дипломата со која се стекнав на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје. Предизвикот е навистина голем и возбудлив, со огромна желба за понатамошно усовршување.

Каков е еден ваш работен ден?

Биљана: Како дел од процедурата за нострификација, полагав пет испити на италијански јазик, а моментално имам задолжителни седум месеци практичен дел кој се одвива во склоп на Универзитетската болница, и се состои од различни области на ветеринарната медицина. За жал, имав можност само првите месеци да присуствувам, додека останатиот дел се извршува со секојдневна онлајн настава, заради ситуацијата со Ковид-19. Наставата е интерактивна, се состои од дебати и дискусии со професорите. Кога имам слободно време, ангажирана сум во Ветеринарната клиника, како што напоменав претходно. Секојдневни прегледи на домашни миленици, асистирање при хируршки интервенции од делот на анестезија и аналгезија, и секако, за мене најинтересниот дел бидејќи имав можност да работам во Зоолошката градина во Скопје, како пациенти имаме и многу диви животни, за кои пристапот на работа е поинаков од оној за домашните миленици. Различни видови на птици, диви зајчиња, желки, ежиња па и понекогаш некоја срна, лисица  се дел од ‘’пациентите’’ кои ни пристигнуваат. Работата со нив е специфична, бидејќи некои од нив имаат потреба за некоја хируршка интервенција, подолг престој во клиниката, се додека не се подготвени да се вратат во природа. И паралелно на сето ова, го изработувам дипломскиот труд, кој се разбира е поврзан со работата на Здружението за заштита на животни.

Кој беше предизвикот да се запишете на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје?

Биљана: Одговорот, клише, е љубовта кон животните. Знаејќи дека со самото запишување на овој факултет ќе се стекнеш со знаење како да им помогнеш на животните, а со тоа паралелно и на луѓето. Љубопитноста за медицината како наука.

Што паметите вие од студентските денови?

Биљана: Студентските денови навистина се нешто што не се заборава. За мене беа и малку напорни, бидејќи додека студирав паралелно и работев, но сето тоа се исплатеше на крај. Пријателствата кои траат и ден денес, задолжителното кафе после предавањата, излегувањето за време на викендите, заедничките патувања во и надвор од Македонија. Секако не се заборава и дружбата со асистентите и професорите, по завршување на теренската настава…

Која ќе биде пораката од ваша страна до идните академски граѓани?

Биљана: Секоја ваша одлука нека ве исполнува, само така ќе знаете дека сте на вистинскиот пат.