Јовановски за Кичево: Создаваме нова иднина, ќе основаме социјален фонд за помош на лица со посебни потреби

„Ви го честитам 11-ти Октомври денот на народното востание против фашистичките окупатори на нашата заедничка татковина Република Македонија! Чест ми е да се претставам пред вас на овој светол и многу значаен ден во историјата на Република Македонија, бидејќи херојските подвизи и саможртвите на Мирко Милески, Исеин Акиоски, Реџо Рушит Зајази и огромен број знајни и незнајни јунаци наши сограѓани се уште одекнува и ни остава аманет да живееме слободно, среќно и сплотени заедно“, истакна кандидатот за градоначалник на Општина Кичево, Александар Јовановски на митингот.

Јовановски додаде дека од досегашното долгогодишно владеење на градоначалникот, задоволен е само тој и уште десетина негови пајташи со кои заедно ги множат и делат буџетските пари на општината.

„Во меѓувреме Кичево стана град каде има повеќе кучиња скитници отколку што има спортисти, повеќе диви депонии отколку детски градинки, повеќе корупција отколку развој. Кичево е град со незадоволни граѓани и презадоволен градоначалник“, нагласи Јовановски.

Јовановски ги повика граѓаните да Кичево биде нивната заедничка идеја на 17-ти октомври и нивна заедничка иднина засекогаш.

„Јас нема да ви зборувам за детски градинки, спортски сали, канализации и водоводи, дупки по улици. Сметам дека тоа се основни и насушни потреби кои ги заслужуваат и треба да ги имаат нашите деца и секој наш сограѓанин! За нив не смее да се разговара, треба веднаш да се реализираат“, рече Јовановски.

Јовановски посочи дека сака да го направи Кичево град од 21-ви век, а не град од 19-ти век. Град во кој луѓето ќе се препознаваат по насмевките, град без загадување, град без депонии туку со фабрики за рециклирање, град со еколошко греење, град со енергетски ефикасни фасади, град со нови работни места во кој ќе се цени трудот на поединецот и реално ќе се вреднува.

„Сакам да ви ја соопштам и заедничката одлука моја и на советниците, имено одлучивме сите заедно доколку бидеме избрани да основаме социјален фонд во кој ќе одвојуваме дел од нашите примања и хонорари и кој ќе се користи за помош на  лицата со посебни потреби. За ова имам готови проекти, имам тим кој знае како и ветувам дека ако станам градоначалник чесно, макотрпно и беспоштедно ќе работам на остварување на мојата визија за сите луѓе, бидејќи сакам, можам и знам“, истакна Јовановски.

Јовановски ги повика граѓаните да гласаат за идеи, да гласаат за проекти,да гласаат за заедничко Кичево.