Јовановски: Заев ми рече дека мене и Катица нѐ следеле странски служби, и ситуацијата била многу сериозна

Поранешниот премиер Зоран Заев по гостувањето на 1ТВ на 3-ти април минатата година, дошол во  канцеларијата на Бојан Јовановски „Боки 13“ и му соопштил дека странски служби го следеле него и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, изјави Јовановски во четвртокот во неговото излагање во скопскиот Кривичен суд на рочиштетот во случајот „Рекет“.

Како што пренесува телевизијата ТВ21, Јовановски рекол дека бил сведок кога Јанева била жртва на уцена и кога ѝ било кажано да си поднесе оставка, или ќе се случи она што се случува сега.

Јовановски истакнал дека Заев му рекол оти странски обвинител веќе почнал постапка.

„Странски обвинител има отворена постапка против вас, ми рече Заев. Јас прв пријавив кај тогашниот министер за Оливер Спасовски дека сум сниман незаконски од Јордан Камчев, пред да биде пријавено во Обвинителството. Јас присуствував на разговори во кои Камчев сакаше да ја земе болницата ‘8-ми Септември’ во јавно приватно партнерство. Извесен Радивоје од Бугарија го учи и му помага на Камчев да ме снима и монтираниот случај да го пријават кај Заев“, рекол Јовановски.

Всушност Јовановски со изјавата потврдува дека бил информиран оти постоеле веќе снимките од домот на Камчеви. Исто така, од овој исказ произлегува дека тогашниот премир Зоран Заев случајот во Јавното обвинителство го пријавил дури 20 дена откако го информирал „Боки 13“ дека има обвинителни материјали против него.

„Со Заев комуницирав подолги години. Сум бил симпатизер, но никогаш член на СДСМ. Кога дојде во мојата канцеларија ми кажа дека странски обвинител веќе има направено постапка. Бев уплашен и изманипулиран. Јас барав да комуницирам со Заев, и повторно ќе кажам штета што мојот телефон не се вештачи“, рекол Јовановски.

Во својот исказ Јовановски тврден и дека „со рака не ја допрел“ торбата „Луј Витон“, и дека има снимка како Зоран Милевски Кичеец, кој ја призна вината во истиот случај и му беше одредена затворска казна, наводно му ја враќа торбата на бизнисменот Орце Камчев.

„Кога бевме кај Камчев, го снема Милески, отиде во друга просторија. Се врати со торбата која ја мафташе, како да е празна. Затворена беше, не видов што има во неа. Не сум ја допрел торбата, рече Боки 13, кој кажа дека потоа со Кичеец се упатиле кон неговите родители“, рекол Јовановски.

Посочи дека на камерата на Камчев има снимка од 22 јануари, два дена откако Кичеец ја зел торбата,  и му ја вратил на Камчев.