Финализирни се активностите на земјите – потписнички на Договорот за слободна трговија во земјите на Централна Европа ( ЦЕФТА), за олеснување на трговијата и транспортот, информира денеска во своето видеобраќање Зоран Јовановски од Стопанската комора.
Како што рече Јовановски, ЦЕФТА најпрвин одобри листа на есенцијални стоки или стоки со примарно значење.
– Се работи за стоки чиј брз транспорт е оценет како суштински важен во постојната здравствена криза. Тука влегуваат прехранбени производи, како и медицински производи и опрема коишто се на листата на Светската царинска организација.Заради важноста на овие есенцијални стоки, трговијата со нив и нивниот транспорт ќе добијат приоритет во однос на другите стоки – посочи тој .
Транспортот на овие стоки ќе се одвиваат преку т.н. „зелени“ коридори, но како што рече тој, тоа не значи дека ЦЕФТА не обезбедува ефикасен транспорт и на сите други стоки.
– Во практика, на граничните премини ќе постои посебна лента за превозниците на есенцијални производи како при влез така и при излез од земјите. Во функција е и Систем за електронска размена на податоци преку кој царинските служби на земјите во рамки на ЦЕФТА електронски ќе си праќаат информации за пристигнување на есенцијални стоки. Овие информации ќе доаѓаат до царинските служби пред пристигнувањето на самите стоки за да бидат царинските служби однапред подготвени
и да овозможат брзо поминување на стоките. Во нашата земја „зелените“ коридори во моментов се во функција на граничните премини Табановце, Блаце и Ќафасан – вели Јовановски.
Со ова се заокружува иницијативата од мартовскиот состанок на ЦЕФТА за преземање регионални мерки за слободна трговија на стоки во контекст на кризата предизвикана од вирусот КОВИД 19. Активностите во кои беа вклучени претставници на царинските управи и министерствата за трговија на земјите-членки, претставници на Секретаријатот на ЦЕФТА и на Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан, вродија со плод.
– Активирањето на „зелените“ коридори започна вчера, на 13 април. Ова се добри вести за македонските транспортери, бидејќи транспортот на есенцијалните стоки во иднина ќе се одвива побрзо и поефикасно – информира Јовановски.