Одгледувачите на овци од Македонија за утре најавуваат мирен протест пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство поради, како што велат, алармантната состојба во овчарството.
Тие бараат средба со ресорниот министер Љупчо Николовски на која е добро, нагласуваат, да присуствува и премиерот Зоран Заев. Се жалат дека се дојдени на работ од егзистенција зашто секоја година се соочуваат со 2.000 – 5.000 евра загуба поради ниската цена на јагнето.
Одлучивме да реагираме со протест за да видат дека постоиме. И претходната и оваа власт нема слух за овчарите. Сакаме уште еднаш да укажеме дека откупната цена на јагнето е пониска од производната, а минимални се и субвенциите за плодна овца и оставено женско јагне. Тоа сакаме да му го соопштиме директно на министерот Николовски, а бараме ако е можно, да присуствува и премиерот Заев, истакнува еден од одгледувачите на овци за МИА.
Овчарите досега имале неколку состаноци со Николовски на кои присуствувале и директорот на Платежната агенција Николче Бабовски, како и директорот на Јавното претпријатие за пасишта Љуљзим Фејзулаи. Ги искажале проблемите со кои се соочуваат, но од надлежните, кои ги ислушале, не добиле конкретен одговор.
Имавме повеќе средби. Последната беше минатиот месец во Берово. Министерот беше присутен, беа и Бабовски и Фејзулаи. Ги сослушаа нашите барања: покачување на субвенциите за оставено женско јагне и за приплод на овца. Но, не добивме конкретен одговор. Ставот им беше неутрален. Утре, со протестот, всушност ќе упатиме молба повторно да разговараме и да најдеме заедничко решение за да го спасиме овчарството, велат сточарите.
Додаваат и дека се многу револтирани од начинот на работење на Министерството, и од ова на сегашната, но и од тоа на претходната власт.
Во врска со фондот овци во земјата, ја демантираат бројката од 700.000 – 750.000 овци која, нагласуваат, се пласира во јавноста. – Таа бројка не е точна. Во Македонија има максимум 450.000 овци. И не само што е преполовен бројот, туку постојат и фантом овци, а тоа значи дека некој зема субвенции, а нема грла, посочуваат овчарите и додаваат дека причината за тоа е немањето соодветна комуникација меѓу МЗШВ, АХВ и Платежната агенција.
Според нив, смешно е зголемувањето на субвенциите за оставено женско јагне, од 1.000 на 1.100 денари. Цената, пак, на јагнето е многу ниска, под производната, и овој проблем се провлекува со години.
Производна цена е 165 денари за килограм жива мера, а продажна 120 – 140 денари, информираат производителите.
Утрешниот протест го поддржуваат Националното здружение на овчари, Регионалното здружение на западна Македонија, Земјоделското здружение „Агро центар“ – Велес, „Орлови бари“ – Битола и „Рудо јагне“ – Прилеп.
Овчарите за протестот денеска го информирале Министерството за земјоделство.