Главниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески упати преку медиумите порака до сите обвинители во земјава, на 7 ноември да гласаат „слободно и растоварено од какви било влијанија и притисоци“ за шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. За оваа функција, која досега ја извршуваше Вилма Русковска, се пријавија четворица обвинители, меѓу кои и самата Русковска, како и Ислам Абази, Незири Ермон и Деса Пауновска. Гласањето ќе биде в понеделник во работното време, а резултатите ќе ги сумира Советот на јавни обвинители.
Во поракат на Јовески се вели: „На 7 ноември се спроведува гласањето за избор на основен јавен обвинител на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. За првпат, согласно новиот Закон за јавното обвинителство, изборот за основен јавен обвинител на тоа обвинителство се врши со гласање на сите јавни обвинители во државата.
Сметам дека ваквиот начин на избор дава можност директно со вашиот глас да влијаете за подобрување на состојбите во ЈО. ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција е важен дел од обвинителската структура, а функцијата прв човек на ова обвинителство е моќна, но и многу одговорна.
За изборот се пријавија четворица јавни обвинители. Сакам да ве повикам сите слободно и растоварено од какви било влијанија и притисоци да го дадете својот глас за оној кандидат кој има најдобра програма и визија за идното функционирање на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.
Верувам дека секој од вас поединечно ќе знае да го направи вистинскиот избор, а сите заедно како јавни обвинители ќе покажеме дека имаме јасна цел за независна и силна јавнообвинителска организација“.