Годинава се отворени дисциплински постапки против пет обвинители, а еден обвинител од скопското обвинителство сам се повлекол од функцијата откако било утврдено дека десетици предмети чувал во фиока подолго време.
За кој обвинител се работи и кои предмети биле кај него државниот обвинител Љубомир Јовески не открива. Но вели, недопрени предмети се чувале и во други обвинителства во земјава, меѓу кои и во Организиран криминал. Затоа Јовески вели дека го поддржува процесот на филтрација и во редовите на обвинителите.
Досегашните надзори во јавните обвинителства кои ги вршат повисоките јавни обвинители ќе се вршат на подруг начин, додека повисоките јавни обвинителства ќе ја оценуваат на секој обвинител посебно неговата работа. При тоа како што нагласив, ќе има и квантитативни и квалитативни критериуми врз основа на кои ќе се изгради оценката за јавниот обвинител. Доколку при проверката на предметите се утврди несовесно и нестручно постапување на јавниот обвинител ќе се преземат соодветни мерки за негова одговорност.
Прочистувањето меѓу обвинителите ќе се спроведува преку Правилникот кој ќе почне да се применува од јануари. Половина од предметите кои ќе ги чешлаат јавните обвинители ќе ги избираат самите, а половина по случаен избор, по што како што вели Јовески, на секои 6 месеци ќе се гради оценка за секој обвинител од основните обвинителства. Но како најголем проблем со кој се соочуваат обвинителствата и понатаму е недостаток на кадри.
Веќе е познато дека со години наназад имаме недостаток на материјални и човечки ресурси. Тоа многу ја отежнува нашата работа. Меѓутоа сакам да истакнам дека годинава беа избрани 18 нови јавни обвинители, а во завршна фаза е постапката за вработување на 70 работници на различни работни места од кои повеќето се неопходните јавно – обвинителски стручни соработници.
Освен по новоотворените истраги и покренати обвиненија, Јовески посочи дека годинава што помина се работеле и по случаите за непочитување на здравствените протоколи како и предметите кои државното обвинителство ги презеде од сега згаснатото СЈО.