Јово Вангеловски: Заев во снимката се прикажува како мој голем пријател, но во мај немаше активен предмет од СЈО во Врховниот суд!

Објавениот разговор или монолог на Зоран Заев ми наликува на негово себепромовирање во голем моќник, но и претставување како мој голем пријател, вели за Плусинфо, поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, откако денеска Антонио Милошоски во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ објави аудио снимка на која се слуша гласот на Заев како зборува за предметите на СЈО и за влијанието на власта врз одлуките на Врховниот суд.

– Видно од објавеното писмо на прес конференцијата на господинот Милошоски, се објавува разговор воден во месец мај 2019 година во просториите на Владата, а во кој се спомнува моето име. Објавена е аудио снимка во која лицето З.З. кажува дека со мене нешто договорил. Јас тврдам дека во месец мај 2019 година пред Врховниот суд немаше активен предмет во кој тогашното СЈО се појавува како странка која не е овластен тужител во постапките согласно начелното правно мислење на овој суд. Сите тие постапки беа завршени неколку месеци пред тоа. Со господинот Заев, јас како претседател на највисокиот македонски суд, сум имал неколку средби остварени во премиерскиот кабинет при што бев почестен со кафе и со вода. Од тука, мене објавениот разговор или монолог ми наликува на негово себепромовирање во голем моќник, но и претставување како мој голем пријател – вели Вангеловски.

Тој нагласува дека битен податок од слушнатото, кој кореспондира со подоцнежните случувања е дека од споменатите судии за чие разрешување зборува Заев, а кои учествувале во две постапки, разрешени се вкупно тројца, а против сите останати постапките се запрени а повеќето од судиите се унапредени.

– Ако се анализираат повеќе јавни изјави на сопартијци на господинот Заев дадени од високи функционерски позиции, кои во прво лице множина зборуваат за моето разрешување, лесно ќе дојдеме до заклучокот дека се разрешени тројца судии кои не сакале да бидат послушници. Анализирајте кои се останатите судии против кои се водени двете споменати постапки, а за кои постапките се запрени и ќе видите дека повеќето од нив се веќе унапредени. Јас знаев дека постапката за моето разрешување, која сѐ уште трае, е политичка одлука, но добро е дека на овој начин и јавноста ќе биде запознаена, а господинот Заев денес јавно објави дека се работи за автентична снимка. Патем речено, маршот и митингот пред судовите се одржуваа на 17.02., дента кога се одржуваше рочиштето по мојата жалба, но кое, за нивна жал, се одложи, па листовите од напишаните говори на таа тема им останаа за рециклирање – додава Вангеловски за Плусинфо.

Судскиот совет го разреши Вангеловски од претседател на Врховниот суд и од функцијата судија во септември 2019 година. Покрај него, тогаш разрешена беше и судијката од Врховниот суд Рахилка Стојковска, како и уште еден судија. Тројцата беа разрешени поради несовесно вршење на функцијата.