Овоштарите од Преспа во четврток вио периодот од 10 до 12 часот ќе одржат протестен собир на местото викано Макази и ќе го блокираат регионалниот патен правец Битола – Ресен – Охрид.
Во изјава за МИА, членот на организацискиот тим Љубе Пампулевски истакна дека протестот е неизбежен затоа што Министерството за финансии не ги исплаќа преземените обврски кон преспанските овоштари.
„Протестот го организираме затоа што сеуште не е исплатен надоместокот за предизвикана штета од невреме град и мраз во зимски услови од 2016 година, дел од 2017 година и 2018 година врз овошните насади. Веднаш сакам да истакнам дека ние имаме одлична соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ресорниот министер, но и покрај одлуката на Владата, за жал Министерството за финансии и по изгласаниот ребаланс во јуни, сепак овоштарите не ги добиваат своите пари“, изјави Пампулевски.
Овоштарите од Преспа бараат итна средба со премиерот Ковачевски и министерот Бесими за надминување на проблемот во пресрет на бербата на јаболката која почнува за еден месец.
„Овоштарите се во тешка состојба. Имаме кредити кон домашните банки, извршители често се пред нашите врати, а дополнително на тоа се зголемуваат трошоците за енергија, нафта и нафтени деривати, земјоделски ѓубрива, како и други финансиски проблеми кои единствено можеме да ги решаваме доколку Министерството за финансии ги исплати средствата“, нагласи Пампулевски.
Протестот на преспанските овоштари и блокадата на регионалниот патен правец Битола-Ресен-Охрид кај местото викано Макази е уредно пријавен, посочија организаторите на протестот.