И годинава, во скопските општини каде што масовно се празнува верскиот празник Курбан Бајрам, ЈП Комунална хигиена-Скопје ќе постави посебни контејнери во коишто граѓаните ќе можат да го одложат органскиот отпад.
– Веќе трета година по ред, во пресрет на одбележувањето на празникот Курбан Бајрам, ЈП Комунална хигиена-Скопје поставува специјални садови наменети за одлагање на органскиот отпад. И оваа година, во периодот 19-21 јули, Претпријатието ќе постави 17 контејнери, на повеќе локации во скопските општини Чаир, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари и Сарај. Апелираме до верниците својот органски отпад да го одлагаат исклучиво во поставените садови, затоа што неговото исфрлање на јавни површини може сериозно да го загрози јавното здравје и да ја загади животната околина, изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.
Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје, во текот на вчерашниот и денешниот ден, спроведоа и активности за рачно и машинско миење на дворовите и непосредната околина на поголемите исламски верски објекти на територијата на градот Скопје.
СПИСОК НА ЛОКАЦИИ КАДЕ ШТО ЌЕ БИДАТ ПОСТАВЕНИ КОНТЕЈНЕРИТЕ ЗА ОДЛАГАЊЕ ОРГАНСКИ ОТПАД:
1. општина Шуто Оризари (автобуска станица на последна 19-ка; кај маркет Харбин; до подвозникот; во близина на Хамдипашината џамија; кај Спортскиот центар)
2. општина Бутел (во близина на џамијата Фетах Ефенди; во близина на џамијата Бедр – Бутел 1)
3. општина Гази Баба (во близина на џамијата Сингелиќ; стадион Гази Баба)
4. општина Чаир (поранешна локација на ЈПХКС; во близина на ресторанот Фа-Фа; во близина на новата џамија во Чаир; во близина на Теќето во Дуќанџик; кај поранешното седиште на Скопското муфтиство на Кале)
5. општина Сарај (кај старата општина Сарај; во близина на џамијата во средно Нерези)