Северна Кореја и Русија ветија дека ќе си пружат итна воена помош во случај некојa од нив да биде нападнатa, се вели во текстот на историскиот договор што Пјонгјанг го објави во четвртокот по посетата на рускиот претседател Владимир Путин.
Во исто време, Јапонија и Јужна Кореја изразија загриженост за договорот, Белата куќа сѐ уште не коментираше, додека генералниот секретар на НАТО во заминувањ, Јенс Столтенберг, рече дека пактот покажува дека „авторитарните сили ги здружуваат силите“.
Неколку часа по пристигнувањето на Путин во неговата следна дестинација Виетнам, севернокорејските државни медиуми го објавија „Сеопфатен договор за стратешко партнерство“, што практично го оживува договорот за заемна одбрана од 1960-те.
Договорот, кој Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го потпишаа во средата, претставува еден од најзначајните потези на Москва во Азија во последниве години. Путин минатиот месец ја посети Кина, веднаш откако по петти пат положи заклетва како руски претседател.
„Доколку на едната страна ѝ се заканува вооружена инвазија и е во воена состојба, другата страна веднаш ќе ги искористи сите расположливи средства за да обезбеди воена и друга помош во согласност со член 51 од Повелбата на Обединетите нации и со законите на секоја земја“, се вели во четвртиот член од договорот.
Членот 51 од Повелбата на ОН го гарантира правото на земјата-членка да дејствува индивидуално или колективно во самоодбрана.
Ким ја повтори изјавата на Путин, која експлицитно го поврзува нивното зајакнување на врските со борбата против „хегемонистичката и империјалистичка“ политика на Западот, особено на Соединетите држави, вклучително и нејзината поддршка за Украина.
Не е јасно како договорот ќе влијае на руската војна против Украина, која започна со инвазијата во февруари 2022 година, пишува Reuters.
Вашингтон и Сеул сѐ повеќе се вознемирени од продлабочувањето на воените врски меѓу Русија и Северна Кореја и ги обвинија за кршење на меѓународното право во врска со трговијата со оружје што Русија ја користи во Украина. Украинските власти тврдат дека наводно пронашле остатоци од севернокорејски проектили во нивната земја, но тоа никогаш не го докажаа.
Русија и Северна Кореја негираат трговија со оружје.
Договорот на лидерите на двете земји, кои се соочуваат со зголемените безуспешни обиди на Западот предводени од САД за меѓународна изолација, дојде откако Вашингтон и неговите азиски сојузници изразија загриженост за степенот до кој Русија ќе ја поддржи Северна Кореја, единствената земја што тестираше нуклеарно оружје овој век. Од друга страна, пак, САД со своите сојузници во регионот, во прв ред со Јужна Кореја со децении наназад изведува двапати годишно сеопфатни воени маневри кои вклучуваат и стратешки бомбардери кои носат нуклеарно оружје.
Во текстот на договорот се наведува и дека ниту една страна нема да потпише договор со трета земја што би ги загрозила интересите на другата и дека нема да дозволи нејзината територија да биде искористена од која и да е трета земја за да се наруши безбедноста и суверенитетот на другатa, објави севернокорејската новинска агенција KCNA.
Двете земји заеднички ќе преземат мерки за „зајакнување на одбранбените капацитети за да се спречи војна и да се обезбеди регионален и меѓународен мир и безбедност“, соопшти новинската агенција KCNA.
Јапонија изрази „сериозна загриженост“ поради ветувањето на Путин дека нема да ја исклучи соработката со Пјонгјанг на полето на воената технологија.
Јужна Кореја, која ги напушти пред една деценија договорите со Русија кога Москва имаше заладени односи со Пјонгјанг, соопшти дека жали што договорот содржи ветување за „воено-технолошка соработка“, што ќе ги прекрши резолуциите на Советот за безбедност на ОН за програмите за оружје на Северна Кореја.
Советникот на украинскиот претседател Михајло Подолјак изјави дека Русија, постојана членка на Советот за безбедност на ОН, дозволила „најбесрамното откажување“ на сите санкции наметнати на Северна Кореја за да го запре развојот на оружјето.
Во својата прва посета на Пјонгјанг од 2000 година, Путин му се заблагодари на Ким за неговата поддршка за руската политика, а Ким ја потврди „безусловната“ и непоколеблива поддршка за „сите политики на Русија“, вклучително и војната на Путин против Украина.
Во четвртокот KCNA го објави целосниот текст на договорот, кој предвидува и соработка во областа на нуклеарната енергија, истражувањето на вселената, храната и енергетската безбедност.