Северна Кореја соопшти во четвртокот дека ќе ги обнови своите воени мерки кои ги суспендираше според договорот од 2018 година со Јужна Кореја осмислен за смирување на тензиите по должината на заедничката граница, најавувајќи распоредувае засилени вооружени трупи и ново оружје.
Највата од севернокорејското Министерство за одбрана дојде ден откако Јужна Кореја суспендираше дел од меѓукорејскиот договор како одговор на лансирањето на шпионски сателит од страна на Северна Кореја и порача дека веднаш ќе го засили надзорот по должината на утврдената заедничка граница.
„Отсега натаму, нашата војска никогаш нема да биде врзана со воениот договор (Север-Југ) од 19-ти септември (2018-та)… Ќе преземеме воени чекори за да спречиме воени тензии и судири во сите сфери, вклучително на копно, на море и во воздух, и ќе распоредиме помоќни вооружени сили и нов вид воена опрема во регионот по должината на линијата на воено разграничување“, соопштија од Пјонгјанг.
Северна ја обвини Јужна Кореја за откажување од споменатиот договор, познат како Сеопфатен воен договор, а Пјонгјанг порача дека Сеул ќе го смета „целосно одговорен во случај да избувне неповратен судир“ меѓу двете земји.
Изјавата на Северна Кореја следеше само неколку часа откако истрела балистички проектил кон морето источно од Корејскиот полуостров доцна ноќта во средата. Војската на Јужна Кореја објави дека според нејзините процени лансирањето не било успешно.
Суспендираниот договор меѓу Пјонгјанг и Сеул е потпишан во 2018 година на средбата на поранешниот јужнокорејски претседател Мун Џае-ин и севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун. Тогаш американските аналитичари проценија дека договорот ја ослабнал способноста на Сеул да ги надгледува активностите на Пјонгјанг кој ја кршел спогодбата.