Пјонгјанг распоредува војници долж границата по суспендирањето на воениот договор

Северна Кореја распореди војници и тешко оружје за да ги чува позициите долж границата со Јужна Кореја по суспензијата на воениот договор меѓу земјите, објави во понеделникот јужнокорејската новинска агенција Yonhap.

Повикувајќи се на јужнокорејски воени претставници, новинската агенција Yonhap објави дека биле забележани севернокорејски војници како враќаат тешко оружје на границата на Демилитаризираната зона (DMZ) и поставуваат стражарски пунктови што двете земји ги демонтираа по договорот за деескалација.

Северна Кореја во понеделникот предупреди дека ќе продолжи да ги остварува своите суверени права, вклучително и лансирање сателити, бидејќи нејзините сили, наводно, обновуваат некои урнати стражарски пунктови на границата со Јужна Кореја.

Северна Кореја минатиот вторник објави дека успешно го лансирала својот прв шпионски сателит во орбитата и вети дека ќе лансира уште повеќе во блиска иднина. Нејзиното министерство за надворешни работи соопшти дека лансирањето било поттикнато од потребата да се набљудуваат САД и нивните сојузници, објави државната новинска агенција KCNA.

„Тоа е легално и е само начин на искористување на правото на самоодбрана и е одговор на прецизното следење на воените дејствија на САД и нивните следбеници“, се вели во извештајот на KCNA.

Јужна Кореја одлучи да суспендира дел од воениот договор што го потпиша со Пјонгјанг во 2018 година, откако Северна Кореја ги игнорираше предупредувањата од САД и нивните сојузници и лансираше шпионски сателит. Јужна Кореја проценува дека северниот сосед имал околу 160 стражарски места долж DMZ, додеја нејзината војска 60 такви пунктови. Секоја страна демонтираше по 11 по воениот договор потпишан во 2018 година.

Јужнокорејската агенција Yonhap објави дека тешко вооружени севернокорејски војници биле забележани како ги обновуваат демонтираните стражарски места на неколку локации од петокот, повикувајќи се на снимки од камерите во DMZ.

Соединетите држави свикаа непланиран состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации за понеделник на кој ќе се разговара за лансирањето сателит од Северна Кореја. На 22-ри ноември, девет членки на Советот за безбедност им се придружија на САД во соопштение во кое го осудуваат лансирањето сателит на Северна Кореја за користење на технологија за балистички ракети, нарекувајќи го тоа кршење на повеќе резолуции на Советот за безбедност.

Министерството за надворешни работи на Северна Кореја рече дека изјавата само покажува колку е нефункционален Советот за безбедност, при што некои земји-членки слепо ги следат САД во издавањето бесмислени изјави. Двете постојани членки со право на вето, Кина и Русија, одбија да се приклучат на какви и да се нови санкции на Советот за безбедност против Пјонгјанг и покрај неговото континуирано тестирање на сѐ помоќни балистички ракети. Тие не се приклучија ниту на последната изјава од минатата седмица.